Вистинскиот живот е борбата којашто ве чека, борбата за вашето семејство и борбата за вашата родна земја Македонија. Тоа никогаш немојте да го заборавите. Каде и да одите, вратете се дома и заедно да се бориме за нашата најубава земја на светот, Македонија, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање пред бруцошите на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Во своето обраќање тој на своите колеги, професорите им упати порака да го пренесат своето знаење на младите, да бидат нивни педагози и нивни пример во животот.
– Од тоа знаење коешто вие ќе им го пренесете зависат и нивните семејства во иднина, нивните деца, нивните внуци и сè она коешто ќе следи како предизвик во нивниот живот. Искористете ја таа шанса, бидете дел од нивната младост, но исто така бидете дел и од нивниот живот понатаму низ годините коишто следат. Имајќи ја најубавата работа на светот, тоа треба да ви биде чест, но и одговорност, бидејќи ретко кој има таква одговорност и можност во животот. Затоа, мојот совет и мојата порака до моите колеги, а ваши професори е: бидете тоа што треба да бидете, бидете нивните педагози и нивниот пример како понатаму во животот треба тие да бидат пример за своите деца и за своите семејства, истакна Мицкоски.
Навраќајќи се на своите студентски почетоци премиерот нагласи дека животот го носел во различни средини и неколку европски градови, но, оти она коешто секогаш го инспирирало и му претставувало водилка во животот била неговата родна земја, Македонија.
– Каде и да одев, се враќав назад и знаев дека тука ќе го формирам моето семејство и тука ќе го продолжам мојот живот. На тој начин ги воспитувам и моите два сина, Јован и Антониј — да патуваат, да стекнуваат знаење, да другаруваат, да го поминат целиот свет и онаму каде што ќе имаат можност, никогаш таа можност да не ја одбијат. Но на крајот, да се вратат дома и заедно дома да се бориме за нашата заедничка татковина Македонија, рече Мицкоски.
На бруцошите им посака успешни години на другарување, стекнување знаење и учење.
– Инспирирајте се од убавините на вашата татковина Македонија, работете за вас, за вашите семејства и за неа, бидејќи поубаво место друго на светот немаме, подвелеч Мицкоски.
Добредојде на новите студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип им посака и ректорот Дејан Мираковски, потенцирајќи дека денешниот ден ќе го помнат целиот свој живот.
– Можеби нема да се сеќавате на секој збор што ќе се изговори тука, но ќе се сеќавате на чувството кога за првпат седнавте во амфитеатар како студенти. Да се биде дел од академската заедница е чест, но и одговорност. Универзитетот не е место само каде што се добива диплома. Тоа е место каде што се поставуваат прашања, се преиспитуваат вистини и се раѓаат идеи за иднината, рече Мираковски.
Од студентите рече дека очекува не само да станат врвни професионалци, туку и луѓе кои ќе носат позитивни промени во нашето општество.
– Ваша задача е да бидете упорни, љубопитни и да верувате во себе. Верувајте и во вашите професори – тие несебично ќе го споделат своето искуство и знаење. Наша задача е да ви создадеме услови во кои вашите идеи и вашиот талант ќе растат. Студентските години нека не бидат само подготовка за професијата, нека бидат време во кое ќе го проширите својот свет. Истражувајте, патувајте, учете, поврзувајте се и создавајте. Излезете од овој универзитет како образовани, самостојни и одговорни луѓе, подготвени да ја земете иднината во свои раце, подвлече Мираковски.







