Некои љубовни приказни започнуваат тивко, речиси случајно, а со тек на времето стануваат најважен дел од животот. Таква е и приказната на Раде Шербеџија и Ленка Удовички, двајца уметници, кои се запознале во 1990 година во Суботица, Србија.
Светски познатиот актер во тоа време бил ангажиран на претставата „Кралот Едип“, додека пак таа, непосредно по дипломирањето, била задолжена за помал проект. Удовички во тој период работела со неговите студенти, при што нивната средба била од професионален карактер.
– Се запознавме во 1990 година во Суботица. Тој дојде да работи на „Кралот Едип“ на тамошниот фестивал, а јас штотуку ја имав завршено академијата и дојдов да работам на една помала претстава. Работев со неговите студенти од новосадската Академија. Еден ден имав проблеми со еден од неговите студенти и сакав да поразговараме околу тоа. Не ни помислив дека тоа ќе биде почеток на една љубовна приказна којашто ќе трае со децении, раскажа Ленка во една пригода.
Разликата во години за неа никогаш не била пречка. Напротив, како што самата раскажува, уште од најмала возраст ѝ биле привлечни мажи кои се постари од неа и кои зад себе имаат повеќе животно искуство.
– Тој имаше 43, а јас 23 години. Татко ми беше 18 години постар од мајка ми и тоа ми беше пример дека годините не се пречка за вистинската љубов. Воопшто не ми беше тешко да се вљубам во него и покрај разликата во годините. Отсекогаш ми се допаѓале постари мажи, со поголемо животно искуство, вели таа.
Оваа љубовна приказна била проследена и со различни коментари, гласини и приказни од страна, што е чест случај кај познатите личности.
Плод на нивната љубов се нивните три ќерки: Нина, Вања и Милица, додека пак, Раде го има и синот Данило и ќерка му Луција.
„И двајцата имаме свои ставови, стандарди и сопствени гледишта, со понекогаш сосем различни мислења за одредени работи. И двајцата сме сосем природни, без потреба од глумење, токму затоа нашата љубов секогаш се темели на компромис, разбирање, доверба и почит“, истакнува двојката.
Од друга страна пак, Ленка отворено зборува и за неговата строга страна.
– Раде навистина е строг. Тој е човек кој има високи уметнички стандарди, критериуми, пред сè кон себе, а потоа и кон сите други, и тука нема попуштање. Дури мислам дека кога некој ти е близок и важен, тогаш човек е уште построг, вели таа, нагласувајќи дека зад таа строгост постои голема меѓусебна почит.
Истовремено, Раде зборува со восхит кон неа, чувство кое не исчезнува ни по толку години заеднички живот.
– Одлична мајка, внимателна, трпелива, мудра. Отсекогаш сум ѝ се восхитувал. Можам само да кажам дека сум среќен што стареам и живеам со таква жена, хумана, сочувствителна и чесна. Ленка сè што има им го дава на другите, така било отсекогаш. Таа живее за луѓето, за мене, за своите деца. Без неа немаше да се случи Меѓународниот театарски фестивал „Улисес“, ниту други убави настани во мојот живот. Не велам дека секогаш ни тече „мед и млеко“. Понекогаш знаеме и да се скараме, но и тоа е дел од животот, појасни тој, нагласувајќи дека можеби токму тоа е тајната за нивниот успешен брак. МИА/ Фејсбук




