Сите измени на правилникот за боледување кои се планирани се правени врз основа на компаративни анализи. Има бројни злоупотреби на боледувањата и целта на измените е тие да се спречат. Има ситуации во кои луѓе кои се на боледување, на инстаграм објавуваат фотографии од одмор во Италија, рече денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој посочи дека не сме се споредувале со робовладетелски земји, па да кршиме права, туку ова што се предлага е споредувано на пример со Словенија, каде законот бил донесен кога на власт била левицата, а не десницата.
– Од друга страна се загалам за олеснување на тие кои навистина се болни и имаат трајни дијагнози и кои нема да се променат, дали се онколошки или автоимуни или потешки дијагнози. Треба да ја релаксираме администрацијата каде е јасно дека дијагнозата е непроменлива, а малку повеќе да го оневозмжиме земањето боледување заради спојување на празници, заради одење на годишен одмор кога сакаме да одиме. Со законот не е предвидено да одиме на годишен одмор кога сакаме, има колку денови може да ги користиме кога сакаме сите ние, и вие како новинари и ние како политичари и земање на годишни одмори во јавна администрација да се работи на друго место. Имаме јавни примери каде луѓе кои се на боледување работат друга работа. Сакаме тоа да го сузбиеме, а не да малтретираме, рече Клековски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој истакна дека не смета дека намалувањето на периодот за кој матичен лекар може да отвори боледување од седум на пет дена е казна за граѓаните, оти вели, има инфлација на боледувања, на такви кои се издаваат на телефон. Според него, пет дена за такво боледување е сосема доволно.
Во однос на контролата на движење, тој смета дека тоа треба да оди со закон, бидејќи во моментов контролата на движење не е уредена во постојните решенија.
– Меѓутоа, тоа е посебна дискусија, а контролорите на Фондот имаат право да вршат контроли на боледувања вклучувајќи каде се наоѓа пациентот. Искуството од Словенија е дека контролата за режимот на престојување, на движење е уредено со закон. Словенија нема граници каде може да врши гранична контрола, бидејќи е во Шенген зоната. Таму е базирано на пријава до Фондот за здравствено осигурување на Словенија дека лицето кое е на боледување е на одмор во Италија или работи на лозја некаде. Се друго се уредува со правилник на Фондот за здравствено осигурување, бидејќи е дел од тоа уредување. Меѓутоа, ние во јули отворивме јавна расправа за тоа, можеби Левица тогаш беше на годишен одмор. Отворени сме за разговор и ние и Фондот за здравствено осигурување, додаде Клековски одговарајќи на новинарско прашање. МИА






