Копилотот го нападнал пилотот на „Флај Дубаи“, во опсност биле 174 патници и осум членови на екипажот

Фото: Јутјуб

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно изјави дека копилотот со нож го нападнал капетанот и наводно се обидел да предизвика падот на авионот

Прелиминарната истрага за инцидентот на летот на компанијата „Флај Дубаи“ кој во средата принудно слета во Саудиска Арабија откако беше прогласена вонредна ситуација, покажа дека копилотот физички го нападнал капетанот на авионот, при што двајцата биле повредени, соопшти синоќа саудиското Министерство за внатрешни работи.

Истрагата ја спроведоа саудиските надлежни органи со учество на безбедносен тим од Обединетите Арапски Емирати, се наведува во соопштението на Министерството што го пренесе Саудиската новинска агенција СПА.

Двајцата пилоти биле пренесени во болница откако авионот безбедно слетал на аеродромот „Принц Султан бин Абдулазиз“ во Табук, во северозападниот дел на Саудиска Арабија. Откако нивната здравствена состојба се подобрила и лекарите одобриле патување, пилотите вчера наутро отпатувале од Саудиска Арабија за Абу Даби, во придружба на безбедносниот тим од ОАЕ.

Прочитајте исто така: (Видео) Тепачка меѓу пилотите во авионот од Дубаи за Тел Авив

Авионот на летот ФЗ1073, кој сообраќал од Дубаи за Тел Авив, добил дозвола за принудно слетување во Табук откако екипажот во средата пријавил вонредна ситуација. Авионот безбедно слетал во 9:45 часот по локално време, со 174 патници и осум членови на екипажот.

Саудиските власти им пружиле помош на патниците, додека капетанот и копилотот биле пренесени во болница за укажување медицинска помош.

Сите 174 патници го продолжиле патувањето со друг авион на компанијата „Флај Дубаи“, кој полетал во средата во 17:40 часот. Останатите членови на екипажот се вратиле во Дубаи со друг авион на истата компанија, се наведува во соопштението на саудиското Министерство за внатрешни работи.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно изјави дека копилотот со нож го нападнал капетанот и наводно се обидел да предизвика падот на авионот. Тој го пофали капетанот, индискиот државјанин Смит Мачар, наведувајќи дека, и покрај повредите, му се спротивставил на напаѓачот и со тоа помогнал да се спасат животите на 174 патници.

Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!

Компанијата „Флај Дубаи“ потврди дека дошло до судир во пилотската кабина, но соопшти дека причините и мотивите за инцидентот сè уште не се утврдени и дека се предмет на официјална истрага.

Саудиското Министерство за внатрешни работи соопшти дека земјата постапила во согласност со меѓународните и хуманитарните обврски, како и со домашните прописи, и додаде дека воздухопловните и безбедносните системи на земјата се оспособени за брзо реагирање во вонредни ситуации со цел заштита на безбедноста на воздушниот сообраќај. МИА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ