- Михаилова тврди дека обвинителот ѝ рекол оти случајот би се одвивал поинаку доколку била Србинка.
- Во емисијата изнела и тврдење дека обвинителот наводно ѝ понудил за пари да добие условна казна.
- Кацаров бара јавно извинување и повлекување на спорните изјави.
Во реакцијата, адвокатот наведува дека изјавите на Михаилова содржат невистинити тврдења и инсинуации за наводно дискриминаторско постапување и обид за незаконско влијание врз исходот на постапката. Тој смета дека со нив е нанесена штета врз личните права и професионалната репутација на обвинителот Крстов.
„Обвинителот лично ми кажа, ако беше Србинка на различен начин ќе се одвиваа работите“, е една од изјавите на Михаилова што ги посочува Кацаров во реакцијата.
Кацаров ги оспорува тврдењата за наводна понуда на пари
Адвокатот се осврнува и на делот од гостувањето во кој Михаилова тврди дека обвинителот лично стапил во контакт со неа и ѝ понудил за одредена сума пари да не дојде до затворска казна, туку да добие условна осуда.
„На почетокот, вториот месец, ноември или декември беше, обвинителот лично се поврза со нас, и ни предложи за сума на пари, да не се стига до тука, каде што сме сега во моментот, не да ме нарави невина, да ме направи виновна, и да ми даде условна, т.с. да не ме стави во затвор.”
Кацаров оценува дека ваквото тврдење претставува инсинуација за сторено кривично дело и дополнително го нарушува угледот на неговиот клиент. Во реакцијата наведува дека изјавите биле пренесени и од повеќе медиуми во Македонија, со што, според него, последиците врз честа и репутацијата на обвинителот биле дополнително зголемени.
Се повикува на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета
Поради тоа, повикувајќи се на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Кацаров ѝ упатува барање на Ива Михаилова јавно да му се извини на Игорчо Крстов.
„Согласно член 12 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета (Сл. весник на РС Македонија бр.251/22), се обраќаме до лицето Ива Михаилова со барање јавно да се извини на Игорчо Крстов, како и да ги повлече невистиностите и клеветничките изјави што ги изнесе против него, преку платформата „YouTube” од 07.11.2026 год., јавно на ист или соодветен начин.“ – стои во соопштението.
Против Ива Михаилова од Кочани се води кривична постапка за тешка сообраќајна несреќа со смртни последици, што се случила на 7 октомври 2025 година, на патот Кочани–Штип.
Во несреќата животот го загубил 33-годишниот Бесим Дурмиши од Љуботен, а имало и повредени лица. Според обвинението, Михаилова управувала со возило со недозволена брзина и преминала во спротивната сообраќајна лента. Таа и нејзиниот правен тим ја оспоруваат верзијата на обвинителството. По нејзиното заминување во Бугарија, македонските органи распишаа потерница, а судењето во Основниот суд во Кочани продолжи во нејзино отсуство.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА
(Каровски М.)







