Лина Ѓорческа-прва македонска тенисерка која ќе заигра на Вимблдон

Фото: Фејсбук

 Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа успеа да се пласира на главниот турнир на Вимблдон, како прва македонска тенисерка во поединечна конкуренција.

Ѓорческа вчера попладне во третото коло од квалификациите ја победи Лусија Бронцети од Италија со 2:0 во сетови (6-1, 6-2) за 73 минути игра.

До својот историски прв настап на грен слем турнир Ѓорческа дојде со три победи во квалификациите, откако претходно беше поуспешна од Шпанката Анхела Фита Болуда и Франциска Жорге од Португалија.

Ривалка на Ѓорческа беше 20. носителка во квалификациите и 127. рангирана тенисерка на ВТА листата, 96 места погоре од македонската тенисерка.

Првиот сет и припадна убедливо на Ѓорческа со 6:1 во гемови, иако противничката го освои првиот гем со брејк, но потоа следуваше серија од шест гема за македонската тенисерка и сетот го доби за 31 минута.

На стартот од вториот сет по водството на Бронцети од 1:0, Ѓорческа во 2. гем спаси осум брејк топки и по 20 одиграни поени израмни на 1:1 во гемови, а потоа веднаш направи брејк за водство од 2:1 и предноста ја зголеми на 3:1. Во следните два гема немаше брејк и Ѓорческа ја задржа предноста од два гема – 4:2. Македонската тенисерка во седмиот гем направи уште еден брејк за водство од 5:2 и во следниот гем на свој сервис само ја потврди победата и пласманот на Вимблдон.

Извлекувањето на двојките за главниот турнир ќе се одржи денес. МИА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ