Обвинител Артан Ајро ми се смееше пред очи, се појави обвинителката Искра Хаџи Василева и прв нејзин муабет беше да дадам лажен исказ, да прифатам да кажам дека парите ќе завршат кај Ѓоко Ристов
Средствата 30 илјади евра што ми се ставени на товар наводно се поткуп за судијата Ѓоко, се пари што се дадени од сестрата на Љупчо Пецов
Осудениот адвокат Фехми Стафа, кој сведочеше на предлог на одбраната во судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, денеска пред судот изјави дека никогаш не му дал поткуп на судијата и дека парите што биле предмет на постапката претставувале адвокатска награда и заем, а не средства наменети за противзаконито влијание. Тој тврдеше дека признанието на вина го дал поради притисоци и страв од последиците доколку не прифати спогодба со Обвинителството.
Стафа, кој во моментот издржува затворска казна по предметот во кој ја призна вината, рече дека бил адвокат на Љупчо Пецов од октомври 2024 година до неговото лишување од слобода. Според него, обвинувањата против него биле нелогични бидејќи предметот по кој наводно требало да влијае врз судијата веќе бил решен на штета на неговиот клиент.
Прочитајте исто така: Ако Судскиот совет не го разрешеше, судијата Ѓоко Ристов ќе продолжеше да земе плата, иако не работи
– Ме лишуваат од слобода дека наводно сум примил награда за да влијаам кај судијата Ѓоко Ристов за да донесе одлука, со што притворот ќе се замени со куќен притвор, а предметот 11 дена пред да бидам лишен од слобода беше одлучен на штета на мојата странка, а мојата жалба беше одбиена, но факт е дека во Апелација по жалба одлучува повеќечлен состав – изјави Стафа.
Одговарајќи на прашање како завршил предметот против него, Стафа потврди дека признал вина и добил казна затвор од 15 месеци, но нагласи дека никогаш не му дал поткуп на Ристов.
– Во ниеден предмет не сум му дал поткуп на судијата Ѓоко Ристов – рече тој.
На прашање зошто тогаш го признал делото, сведокот одговори дека се одлучил за, како што рече, најблагата казна.
-Ја одбрав најблагата казна бидејќи не сакав да ме очекува тоа што го очекуваше судијата Ѓоко, на кого му беше изгорена колата, не сакав мене да ме очекува тоа – изјави Стафа.
Во своето сведочење тој тврдеше дека веднаш по лишувањето од слобода бил изложен на притисоци од полициски службеници, посочувајќи го по име истражителот Шенол Укшини.
– Од моето лишување од слобода, 20 извршители од кои Укшини Шенол, тој беше првиот заедно со негов колега, висок со брада, не го кажа името иако побарав да се претстави. Почна да ми прави претрес пред зградата на Љупчо Пецов на самото место. Сè што го прашав не му беше важно, ми вршеше тортура, физички сакаше да ме нападне. Парите не ги најде тој, износ од 20 илјади евра, парите се пријавени, не се пронајдени и му кажав дека овие пари се адвокатска награда за предметот што од 2024 година сум бил адвокат на овој случај – рече Стафа.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Тој понатаму тврдеше дека за време на разговорите му било сугерирано да изјави дека парите требало да завршат кај судијата Ристов.
– Во текот на разговорот што го имав со него, тој се повикуваше на обвинителката Искра Хаџи Василева со телефонот наводно дека зборува со нејзе, и ми вели, ако сакаш да се спасиш, прифати да кажеш дека овие 20 илјади евра треба да завршат кај Ѓоко Ристов, за возврат ќе гарантираме дека нема да имаш проблеми, ќе одиш дома. Инсистираше многу пати на ова – изјави Стафа.
Сведокот наведе и дека поднел претставки против лица за кои тврди дека биле вклучени во неговото приведување, барајќи да се обезбедат снимки од видео надзор од местото каде што бил лишен од слобода.
Говорејќи за настаните во Обвинителството, Стафа тврдеше дека и таму бил соочен со барања да даде исказ кој не одговара на вистината.
– Само што стигнав таму, првата просторија од десна страна прв се појави вишиот јавен обвинител Артан Ајро, застана пред мене и ми се смееше пред очи. Истиот момент се појави обвинителката Искра Хаџи Василева, прв нејзин муабет беше да дадам лажен исказ и тоа да прифатам да кажам дека парите ќе завршат кај Ѓоко Ристов. За возврат ми беше гарантирано дека нема да имам проблеми, ќе одам дома. Апсолутно тоа не го прифатив. Цитирам, десет години ќе лежам, тоа нема да го дозволам – сведочеше Стафа.
Тој додаде дека за овие наводи поднел претставки до Советот на јавни обвинители, Судскиот совет и до претседателот на Апелацискиот суд, како и кривична пријава против обвинителката за злоупотреба на службена положба.
Осврнувајќи се на условите во притвор, Стафа рече дека и покрај барањето мерката да му биде заменета со куќен притвор поради дете со церебрална парализа, останал повеќе од четири месеци во притвор.
– Кога видов дека нема друго, решив да ги скратам своите маки, да признаам и да излезам од притвор затоа што имаше моменти кога мислев дека нема да излезам жив од таа ќелија – изјави тој.
На прашања за потеклото на парите, Стафа повтори дека тие не биле наменети за судијата туку биле за адвокатска награда, 30.000 евра што му се ставаат на товар како поткуп биле средства што му биле дадени како заем од сестрата на Љупчо Пецов.
– Средствата 30 илјади евра што ми се ставени на товар наводно се поткуп за судијата Ѓоко, се пари што се дадени од сестрата на Љупчо Пецов. За мене на заем ми даде 30 илјади евра, тоа се пари на Љупчо, а не поткуп, имам писмен доказ за тоа – изјави Стафа, наведувајќи дека документот бил приложен пред Судот и бил познат на Обвинителството.
Во завршниот дел од исказот тој тврдеше дека Ристов нема поврзаност со предметот.
– Тврдам дека апсолутно Ѓоко Ристов најмалку беше виновен за овој проблем, апсолутно нема никаква допирна точка со предметот. Да беше и да е теоријата на обвинителството вистина, тој ќе го укинеше притворот, а ние знаеме дека во апелација не одлучува поединец, зошто само Ѓоко е тука – рече сведокот.
Во вкрстеното испрашување од Обвинителството, Стафа потврди дека склучил спогодба и добил казна од една година и три месеци затвор.
На прашање на Судот дали признанието на вина го дал иако не се согласувал со фактите во пресудата, тој одговори дека свесно ја прифатил спогодбата бидејќи немал друг избор.
– Јас признанието свесно го направив и одбрав од две штети најблагата штета, дека немав друг избор – рече Стафа.
На прашање дали е точно тоа што е наведено во пресудата за која издржува затворска казна, тој одговори негативно.
– Ништо не е точно тоа што е напишано во содржината затоа што мораше да одберам од двете штети поблагата – рече тој.
Прочитајте исто така: Заѕидани 350.000 евра – Стафа во затвор, обвинение против Ѓоко Ристов
Судењето продолжува на 8 октомври со сослушување на двајцата родители на судијата Ристов и полициски службеник од Неготино.
Случајот против Ристов произлегува од истрагата против Стафа, кој во декември 2025 година беше фатен при примање 20.000 евра, дел од наводно договорен износ од 100.000 евра за противзаконито влијание врз апелациски судија за укинување на мерката притвор.
Стафа ја призна вината, склучи спогодба со Обвинителството и беше осуден на една година и три месеци затвор.
Апелацискиот судија Ѓоко се товари за две кривични дела – противправно стекнување и прикривање имот и перење пари, откако при претрес во куќата на неговите родители во Неготино беа пронајдени скриени во ѕид со плочки 350 илјади евра.
Судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска. МИА







