АХВ: Не се пронајдени патогени бактерии во храната по труењето на работници во Штип – што ќе покажат брисевите?

Шест дена откако шест работници од компанија во ТИРЗ Штип побараа лекарска помош со симптоми на труење со храна, се’ уште не се знае причинителот, ниту од каде доаѓа. Надлежната Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) вчера доцна попладне добила резултати од храната, но не и од брисевите. Но, по добиените резултати, не може да потврди што го предизвикало труењето.

-Во текот на вчерашниот ден, доцна попладне, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), ги доби резултатите од лабораториски тестираните мостри храна (контролен оброк од инкриминираната храна и мостра од храната која наредниот ден се послужувала во кујната). И во двата примерока не е утврдено присуство на патогени бактерии. Се чекаат резултатите од анализираните брисеви, одговори АХВ на прашањето на Канал 77.

Инспекторите зеле мостри од храната, водата во фабриката и од компанијата што ги произведува и ги дистрибуира оброците, како и брисеви од трпезаријата, а се проверува и начинот на кој храната била транспортирана до работниците. Затруените работници рекле дека јаделе Цезар-салата со оброкот.

Во меѓувреме, како што соопшти АХВ, наредените вонредни мерки остануваат на сила. Тоа значи дека кујната на надворешната компанија, која подготвува оброци за работниците, останува затворена, а работниците добиваат сува храна.

Иста надворешна компанија обезбедува топол оброк за неколку фабрики кои работат во ТИРЗ Штип. Тоа е ресторан каде во викендите се организираат и свадби и други свечености. Во вакви случаи, на вонредни мерки и затворена кујна, снабдувањето со храна за свадбите е преку кетеринг, односно друг оператор со храна.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ