Според мене многу е нормално кога ќе се најдат туѓи пари да се вратат. Затоа сметам дека сето ова треба да биде нешто нормално,а не толку да се преувеличува.
Воспитан сум и пораснат како треба. Не знам сега да наведам конкретни примери, но мислам дека моите родители ме насочија правилно
Ако ги прашаш младите дали сакаат да останат тука или да студираат и работат во странство, според мене 98 проценти ќе речат дека сакаат да заминат во странство, а тоа е многу тажно
„На 24.10.2026 година, во 14:00 часот, во Полициската станица Делчево, 18-годишен жител на Делчево предал пронајдени лични документи и парични средства во износ од 114.000 денари и околу 2.000 евра. Младиот делчевец на булеварот „Македонија“ пронашол патна исправа и лична карта на лице од Делчево, како и парични средства, по што совесно постапил и ги предал во полициската станица. МВР ја поздравува оваа постапка, која претставува позитивен пример за чесност, совесност и високо развиена граѓанска одговорност, особено кај младите. Ваквите постапки заслужуваат јавно признание и претставуваат поттик за негување на општествените вредности, меѓусебната доверба и одговорното однесување во заедницата“.
МВР ја објави овааинформација, која молњевито се прошири низ медиумите и стана вест иако е нешто што треба да биде вообичаена практика. Но, со оглед на тоа што живеме во време со изместени вредности, гестот на ова младо момче и тоа како е вест, па изненадено е дури и МВР.
Оттаму и причината да го најдеме ова совесно момче и да видиме кој го научил на семејни вредности и човечност.

Станува збор за Огнен Малешевски, гимназијалец, чии родители се стоматолози, а тој следната година, по завршување на гимназија ќе стане студент. Каде и што ќе студира се уште не знае иако за него тоа не е никаков проблем бидејќи од прво одделение до денес има само петки.
Огнен е скромно момче и се изненади кога му кажавме за што сакаме да разговараме, бидејќи, како што вели не направил ништо големо.
-Многу е глупаво што оваа приказна стана толку вирална. Според мене многу е нормално кога ќе се најдат туѓи пари да се вратат. Затоа сметам дека сето ова треба да биде нешто нормално,а не толку да се преувеличува. Не се случи ништо посебно. Тргнав на кафе и парите ги најдов на булеварот, на тротоар. Беа во ќеса, заедно со лични документи. Имаше и евра и денари. По документите видов дека личноста не ја познавам за да ги однесам дирекно и затоа решив да ги однесам во полиција, па тие да ја пронајдат. Во ниеден момент не помислив да ги земам, бидејќи имаше многу пари и кога веќе имаше документи на кого се нормално беше да ги вратам. Јас немав поим дека сето ова ќе стане толку големо, се до еден момент кога почнаа другарите да ми се јавуваат и да ми кажуваат дека ме имало по медиуми. Вчера ме повика и градоначалникот, ми даде плакета. Градоначлникот ми се заблагодари за гестот, ми рече дека е одраз на воспитување, култура и граѓанска одговорност. Но, не се чувствувам ништо посебно, медиумите го пренесоа како нешто неверојатно ама тоа за мене е нормално, рече тој, а кажа и дека се уште не му се јавила личноста чии пари нашол.
Прочитајте исто така: (Видео) „Помагав од хумност, не да станам популарен“ – Кој е трактористот Аце кој храбро му се спротивстави на пожарот
За да момче од 18 години во ова (не)време најде поголема сума пари и не ги присвои, туку ги предаде значи само едно- зад него стои домашно воспитување. И тој признава дека е задоволен од тоа како го растеле и учеле неговите родители.
-Воспитан сум и пораснат како треба. Не знам сега да наведам конкретни примери, но мислам дека моите родители ме насочија правилно, ме подржуваа. Едноставно нормално сум пораснал. Секако и дека ми удоволуваа со работите што ги сакав. Како и кај секој и кај мене имало совети како- туѓо не ти треба, треба сам да си заработиш или, пак, совети да се чувам од дрога. Ма сето то е нормално што родители мора да го кажат на своето дете, вели ова момче.

Огнен се уште не знае што ќе студира. Иако неговите родители се стоматолози, тој рече дека тоа не го привлекува, а и брат му веќе студира Стоматологија. Вели дека има време уште малку да размисли и да поужива во Делчево.
-Во Делчево прилично добро се живее, за мене како млад човек и за град кој има околу 10.000 жители, има кафулиња, има убав ноќен живот, од соседните градови доаѓаат кај нас. Сум бил и во поголеми градови, но во Делчево има еден од подобрите ноќни животи. Млад човек може убаво да си помине. Кога велам дека во Делчево е убав животот мислам на тие што се како мене, тие генерации, но не и на 30 години, кога се има семејство. Тогаш други мисли му се на човек во глава. За мене сега е најбитно да учам и да се забавувам. Играм и билијар, полупрофесионално. А мојот живот после гимназија секако ќе продолжи на факултет во Скопје или во друга држава. Ако имам убава можност би сакал да останам во државава, но ако не ќе заминам во страство, ни рече Огнен.
Тој сака да студира општествени науки или, пак, како што вели, нешто во врска со политика, бидејќи знае во каква држава сака да живее.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
-За да биде Македонија добра држава мислам дека треба да дојде некој, на кој навистина ќе му биде целта добро да се живее во државава. Не само да се стапи на функција и што повеќе да се збогати. Зошто сега навистина е неубаво, ако ги прашаш младите дали сакаат да останат тука или да студираат и работат во странство, според мене 98 проценти ќе речат дека сакаат да заминат во странство. Тоа е многу тажно, ни вели тој.
Огнен вчера беше и на прием кај градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски. И градоначалникот со објава на Фејсбук се пофали со средбата со него.
-Денешниот работен ден го започнав со прием на нашиот тивок херој Огнен Малешевски. Момчето кое со својот пример ја восхити целокупната јавност без да побара грам внимание за својот подвиг. Граѓаните на Општина Делчево се горди на ваквиот пример, а јас како градоначалник овој пример на граѓанска одговорност силно го поздравувам и охрабрувам. Капка пример вреди повеќе од река совети, а овој пример на Огнен зборува за нашето Делчево на најубав можен начин, напиша тој.

Во разговорот за Канал77, Гоцевски го пофали Огнен и рече:
– Огнен доби плакета, но јас уште кога станав градоначалник реков дека делата на вакви херои ќе се одбележуваат. Сметам дека од идната година на 24 мај треба доделување на плаќети на тивки херои да стане традиција, ни откри тој.
Весна Миленковска
Фото: Општина Делчево/Атлантис




