Орце Ѓорѓиевски набавил 3.300 нови контејнери за Скопје и вели дека е најголема набавка во историјата

Фото: Град Скопје

Градоначлникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски вели дека пристигнала првата испорака 3.300 нови контејнери за Скопје, што, според него е најголема набавка во историјата.

– Денес пристигна првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери, најголемата набавка на контејнери во историјата на Скопје. Ги заменуваме скршените и дотраени контејнери, го зголемуваме нивниот број и обезбедуваме повеќе места за правилно одлагање на отпадот.  Особено важно е што истите контејнери, за кои моите претходници плаќале по 18.600 денари, ние ги набавуваме по двојно пониска цена и тоа во време на глобален раст на цените. Тоа значи да се води сметка за секој денар на граѓаните.  Чист град значи поздрав живот, поуредни населби и подостоинствено секојдневие за секој човек. Нашите деца заслужуваат да растат покрај чисти улици и паркови, а скопјани заслужуваат град со кој ќе се гордеат – изјави Ѓорѓиевски.

Истовремено, Ѓорѓиевски апелираше да се чува новата опрема и да се почитува комуналниот ред во градот Скопје.  

– Чекор по чекор, го менуваме ликот на Скопје. Новата опрема мора да се почувствува таму каде што е најважно – пред нашите домови, во нашите маала и на улиците по кои секојдневно се движиме. Но, за чисто Скопје потребна е и совеста на секој од нас.  Упатувам јасен апел до граѓаните, да го чуваме она што е наше, заедничко. На градежниот шут и кабастиот отпад не им е местото ниту во контејнерите ниту покрај нив. Со таквото однесување се оштетува опремата, се отежнува собирањето на сметот и се создаваат диви депонии среде нашите населби. За ваквата неодговорност нема да има толеранција – нагласи Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека заедно со новите камиони, кои следната недела ќе бидат пуштени во работа, се создаваат услови за побрзо и поефикасно собирање на сметот и почисти населби низ цело Скопје. Дополнително, обезбедени се и 60 контејнери за селекција на стакло, кое треба да заврши на рециклирање, а со неговото одделно собирање се намалува мешаниот отпад и се зголемува заштитата на животната средина.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ