Голманот на македонската фудбалска репрезентација Столе Димитриевски и покрај трите примени гола беше најдобриот поединец во нашиот состав на дуелот со Швајцарија во Скопје. Македонскиот национален тим пред сè одбраната повторно ќе биде на испит и на утрешниот дуел со Словенија во Љубљана.
– Знаеме дека не одигравме на посакуваното ниво против Швајцарија. Разговаравме меѓу себе и сега мора да покажеме реакција. Имаме малку време меѓу натпреварите, но мора да се подготвиме, да се поддржиме и максимално да одговориме на задачата. Овој дрес и Македонија заслужуваат да дадеме се од себе. Јас се надевам дека ќе ја завршам мојата работа, ќе ја сочувам мрежата и дека заедно ќе одиграме добар натпревар. Ни требаат неколку квалитетни меча за да ја подигнеме самодовербата, изјави Димитриевски.
Интересен е факт што двајцата голмани се членови на екипи од шпанската Ла Лига, Столе Димитриевски на Валенсија и Јан Облак на Атлетико Мадрид.
Македонската фудбалска репрезентација вечер ќе се соочи со Словенија во второто коло од Лигата на нации Б-дивизија.
Селекторот на нашата репрезентација Гоце Седлоски верува дека неговите избраници ќе се покажат во подобро издание од мечот со Швајцарија пред три дена во Скопје.
– Добро го анализиравме натпреварот со Швајцарија и знаеме каде треба да ги поправиме грешките. Играчите се подготвени и очекувам од сите максимален ангажман. Словенија е квалитетна репрезентација, настапуваше на последното Европско првенство и заслужува максимален респект. Ќе има освежување во составот, во повеќе линии. Имаме одличен ростер, комбинација од млади и искусни фудбалери. Атмосферата е добра и сите сме мотивирани да одиграме подобро. Јас сум одговорен за изборот на играчите, но од нив очекувам да покажат поголем квалитет и карактер на теренот. Словенија не смее да биде потценета и мора да бидеме максимално подготвени, изјави селекторот Седлоски на вчерашната прес конференцијата.
Почетокот на дуелот што се игра во Љубљана е во 20:45 часот.




