Се’ уште не е познат предизвикувачот на труењето кај шест вработени во компанија која работи во ТИРЗ Штип. Не се готови резултатите од брисевите, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за МИА. Сите вработени кои се пожалиле на симптоми на труење се на домашно лекување, откако добиле лекарска помош.
Според АХВ, на операторот и на одговорното лице му е изречена парична казна, а кујната е времено затворена до отстранување на утврдените недоследности. Мерките се изречени поради констатирани отстапувања во хигиената, кои се од помал обем.
-Во средата, по добиени пријави од ЈЗУ Штип, дека шест вработени во компанијата се јавиле на лекување со стомачни тегоби по консумирање на оброк во компанијата, инспектор за храна од АХВ во соработка со Државниот Институт за јавно здравје Скопје, спроведе вонредна инспекциски надзор во кујната каде се послужувала храна. Земени се брисеви и мостри за лабораториското тестирање за утврдување на евентуалниот причинител на можно труење со храна-соопштија од АХВ за МИА.
Компанијата има своја менза, но храната ја подготвува друг оператор.






