(Видео) Загинаа 11 лица во пожар на тајландскиот туристички остров Пукет

Фото: Јутјуб

Единаесет лица загинаа во пожар што рано утрово избувна во деловен комплекс на тајландскиот туристички остров Пукет, јавија локалните медиуми.

Пет деловно-станбени објекти се запалиле во туристичкиот центар Патонг, при што се повредени уште 16 лица, јави весникот „Бангкок пост“ (Bangkok Post), повикувајќи се на надлежните органи.

Меѓу загинатите има осум жени и тројца мажи, се наведува во извештајот.

Прелиминарните истраги укажуваат дека краток спој на електричен столб можеби предизвикал експлозија на трансформатор, по што пламнал пожарот. Пламените јазици се прошириле врз продавница за изнајмување мотоцикли, пред да ги зафатат и соседните деловни објекти.

Околу 100 мотоцикли за изнајмување биле складирани во продавницата, заедно со бензин и мазива, изјави заменик-градоначалникот на Патонг. Дел од вработените живееле на горните катови од зградите.

Полицијата соопшти дека многумина од заробените се обиделе да побегнат од пламенот и густиот чад искачувајќи се на покривите.

Некои од жртвите упатиле телефонски повици до пријателите и роднините додека се обидувале да се спасат, наведоа истражителите.

Се верува дека повеќето од загинатите починале од задушување со чад, бидејќи на нивните тела немало надворешни повреди, изјави гувернерот на Пукет, Чотенарин Кердсом.

На пожарникарите им биле потребни околу два часа за да го стават пожарот под контрола.

Полицијата ја исклучи можноста за подметнување пожар по прегледувањето на снимките од безбедносните камери и изјавите на сведоците. МИА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ