На две недели пред почетокот на првенството, кога новиот прволигаш ФК Брегалница 2008 од Штип го игра првиот натпревар со скопски Вардар, конечно, како што потврдија од општината Штип, пристигнале претставници на потенцијалниот инвеститор. Како што е познато на штипската спортска јавност, се работи за германскиот инвеститор Франк Соломон, кој покажал интерес да купи 51 отсто од акциите на АД Брегалница 2008.
Акциите се’ уште не се купени на Македонската берза, ако се суди според официјално објавените информации, каде секоја трансакција јавно се прикажува. Дали тоа ќе се случи денеска или деновиве, е неизвесно.
Факт е дека се трошат деновите што требаше да бидат искористени за подготовки, за консолидирање на тимот, кој остана без повеќето играчи, кои ја донесоа Брегалница во Првата фудбалска лига.
Според неофицијални информации од редовите на Брегалница, се очекува претставникот на германскиот инвеститор, штипјанецот Томче Блажевски, да назначи нов директор, кој е негов човек од доверба. Останува како шпекулација дека нов тренер веројатно ќе биде Никола Кузманов, досегашен координатор на младинските категории, иако победничкиот тим го оформи и успешно до Првата лига го водеше Влатко Костов.
Но, што од ова ќе се потврди или демантира, многу извесно ќе се знае деновиве. За во текот на денешниот ден беа најавени состаноци на инвеститорот со општинското раководство. Што ќе биде договорено, според најавите, ќе биде информирана јавноста.
По оваа неколкунеделна неизвесност, во која повеќе фудбалери ја напуштија Брегалница, владее разочараност и меѓу верните навивачи, кои со големи очекувања го завршија пролетното првенство.
Засега општината останува комплетен сопственик, како и до сега, кога целосно го финансираше клубот од општинскиот буџет.






