По маратонско сослушување што траеше над 16 часа, на двајцата лекари, брачниот пар во чија ординација почина грчкиот пејач Јоргос Мазонакис, одредена им е мерка притвор а се товарат за убиство со евентуална умисла за што може да се изрече дури и доживотна казна затвор, јави дописничката на МИА од Атина.
Мазонакис почина од срцев удар минатата среда за време на медицинската процедура плазмафереза во ординацијата на двајцата обвинети, регистрирана како обична приватна ординација по интерна медицина и без дозвола вршела терапии со матични клетки и сепарација на крвна плазма.
Од полициската истрага произлегоа низа пропусти како во работата на ординацијата, така и за време на конкретната процедура, па така двајцата лекари против кои првично беше покрената постапка за кривичното дело изложување на опасност со смртен исход, по дополнителните докази обвинението беше променето и веќе се товарат за убиство со евентуална умисла.
Според грчките медиуми, истрагата покажала дека пејачот починал нешто помалку од еден час пред да биде информирана и повикана брзата помош, лекарите, без да ги имаат соодветните и неопходни средства, се обидувале сами да го вратат во живот 54-годишниот Мазонакис, наместо да повикаат помош или да го пренесат во болница, а конкретниот апарат за плазмафереза (herapeutic plasma exchange) го регистрирал целиот процес, три пати звучно предупредил за можни проблеми, но и за моментот кога се срцето престанало да работи, звучни сигнали кои лекарката ги игнорирала.
Адвокатот на пејачот Хараламбос Ликудис, за државната телевизија ЕРТ посочи дека доколку брзата помош била повикана навремено, тогаш пејачот можеби ќе можеше да биде спасен.
Во маратонското сослушување пред истражен судија и обвинител, што започна вчера околу 14 часот, а заврши рано утрово, според грчките медиуми, двајцата лекари имале ист став, ги негирале обвиненијата, тврделе дека апаратите за плазмафереза биле легални и одобрени, дека немале намера да предизвикаат смрт, а вината ја префрлиле на брзата помош за начинот на транспортот на Мазонакис до болницата.
Лекарката, за која сè уште е нејасно дали навистина е лекарка, а била задолжена за плазмафереза, околу осум часа даваше исказ во кој рекла дека не можела да го предвиди исходот, а целата процедура била спроведена согласно предвидените протоколи, додека пак во однос на звучните сигнали од апаратот, што ги игнорирала, тврдела дека тоа не значи нужно опасност од срцев удар кај пациентот, бидејќи може да станува збор за друг проблем, како на пример проблем со вените и со венските катетери што му биле поставени.
Сопругот и сопственикот на ординацијата во исказот тврдел дека за време на терапијата на Мазонакис бил во соседната просторија со негов пациент и нема никаква поврзаност со терапијата
Двајцата лекари утрово беа префрлени во затворот Коридалос во западниот дел на Атина.
Јоргос Мазонакис беше еден од најпопуларните грчки пејачи, со над тридецениска кариера, со голем број хитови, над десет албуми и илјадници настапи и концерти низ цела Грција, но и во странство.
Редовно настапуваше во ноќните клубови со жива музика во Атина и Солун, односно во познатите „бузуки“.
На 20 септември требаше да одржи концерт во Атина за одбележување на неговата 33-годишна кариера.




