- Родителите го оценија настапот на Савески како јасен, достоинствен и аргументиран.
- Порачаа дека ја поддржуваат професионалната и законита работа на Јавното обвинителство.
- Повторија дека не бараат однапред донесени пресуди, туку утврдување на вистината и индивидуална одговорност врз основа на доказите.
Здружението „16-ти март 2025 – Кочани“ објави благодарност до јавните обвинители, со посебно издвојување на обвинителот Ненад Савески. Во обраќањето, семејствата на загинатите наведуваат дека внимателно го следат судскиот процес и дека професионалниот пристап на обвинителството го сметаат за важен дел од борбата за вистината и правдата.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Родителите ја истакнаа посветеноста на обвинителскиот тим
Во своето обраќање, семејствата наведуваат дека настапот на Савески на прес-конференцијата по повод годишнината од почетокот на судскиот процес бил за пример, со јасно презентирани факти и професионален интегритет.
„За нас, родителите, кои речиси секојдневно седиме во судницата во Идризово, и Кривичен го следиме секој доказ, секој исказ и секое рочиште, Вашата работа не е само професионална обврска. Таа е дел од борбата за вистината и правдата за 63-те загубени млади животи и за сите повредени.“
Тие им порачаа на обвинителите кои работат на предметот да продолжат професионално и без отстапување од фактите и доказите.
„На јавните обвинители кои ја носат тежината на овој предмет им порачуваме: продолжете достоинствено, професионално и без отстапување од фактите и доказите.“
„Не бараме привилегии, ниту однапред донесени пресуди“
Во пораката до Савески, родителите го оценија неговиот настап со „чиста десетка“, но нагласија дека од професионалниот пристап на обвинителите очекуваат одговорност и почит кон човечките животи.
„Господине Савески, за Вашиот настап – чиста десетка! Но уште поважно, Ви благодариме што со Вашиот професионален пристап покажавте дека зад обвинителската функција мора да стојат одговорност, храброст и почит кон човечките животи.“
Семејствата воедно нагласија дека нивното барање не е однапред да се утврди нечија вина, туку правдата да се темели на доказите и законот.
„Ние, родителите, не бараме привилегии, ниту однапред донесени пресуди. Бараме вистината да биде утврдена, одговорноста да биде индивидуализирана, а правдата да биде спроведена врз основа на доказите и законот.“
Обраќањето го завршија со порака дека загубените деца не можат да се вратат, но дека семејствата имаат должност нивната смрт да не остане без правда.
„Нашите деца не можеме да ги вратиме. Но имаме должност да не дозволиме нивната смрт да остане без правда.“
„Правдата за нашите деца мора да биде на прво место!“, порачуваат од здружението.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА
(Каровски М.)




