- Родителите ја поздравија работата на обвинителството и неговото соочување со противречностите во исказот на вештакот.
- Порачуваат дека секое стручно тврдење мора да се темели на објективни и проверливи докази.
- „Нема заборав. Нема молк. Нема откажување“, порачуваат семејствата на загинатите.
Родителите на загинатите во „Пулс“ изразија искрена и недвосмислена поддршка за Јавното обвинителство, за неговата посветеност, професионалност и решителност во утврдувањето на вистината и одговорноста за трагедијата што го зави Кочани во црно.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Родителите на загинатите во „Пулс“: Противречностите мора да се разјаснат
Во соопштението, семејствата посочуваат дека на претходното судско рочиште обвинителството, преку внимателно осмислени, прецизни и аргументирани вкрстени прашања, ги изнело на виделина сериозните противречности во исказот на вештакот Петре Русевски.
Според родителите, со тоа била доведена во прашање веродостојноста на неговите тврдења, како и обидот да се прикаже фактичка состојба различна од онаа што, како што наведуваат, произлегува од стручните наоди, заклучоците и доказите утврдени од вештаците на Градежниот факултет.
„Особено е значајно што обвинителството не дозволи противречностите да останат неразјаснети, туку преку непосредно соочување на вештакот со конкретни факти и докази ја истакна неопходноста секое стручно тврдење да биде засновано врз објективни, проверливи и научно поткрепени сознанија“, се наведува во соопштението.
Родителите порачуваат дека во судница во која се утврдува одговорноста за изгубени човечки животи не смее да има простор за релативизирање на фактите, селективно толкување на доказите или обиди вистината да се прикаже поинаку од она што навистина се случило.
Тие очекуваат обвинителството да продолжи со истата доследност, решителност и професионалност до целосното расветлување на трагедијата.
„Зад доказите и рочиштата стои неизмерна човечка болка“
Во соопштението, родителите потсетуваат дека зад правните аргументи, вештачењата, доказите и судските рочишта стои болката на семејствата што ги загубија своите најблиски.
„Стојат 63 прерано згаснати животи. 63 насмевки што никогаш повеќе нема да ги видиме. 63 неостварени соништа и иднини кои сурово беа прекинати“, порачуваат тие.
Нагласуваат дека зад секоја од жртвите стојат родители што никогаш повеќе нема да ги прегрнат своите деца, семејства чии домови засекогаш останале празни и цела заедница што продолжува да живее со рана што никогаш нема целосно да зарасне.
За нив, судската постапка не е само правен процес, туку и борба за вистината, достоинството на загинатите, правдата што ја заслужуваат нивните семејства и одговорноста што општеството им ја должи на сите 63 жртви.
„Нашите 63 ангели не можеме да ги вратиме. Но можеме и мораме да се избориме нивната смрт да не остане без вистина, без одговорност и без правда“, се наведува во соопштението.
„За нашите 63 ангели – вистина и правда!“
На крајот од соопштението, родителите уште еднаш ја нагласуваат решеноста да продолжат да бараат вистината да биде целосно утврдена, а одговорноста да биде соодветно утврдена во судската постапка.
„Нема заборав. Нема молк. Нема откажување.
За нашите 63 ангели – вистина и правда!“, порачуваат семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА.
(К.М.)

