Стоматолошкиот рентген во штипскиот Здравствен дом „Панче Караѓозов“ веќе некое време е надвор од функција.
Канал 77 разговараше со директорот на установата, д-р Горан Андонов, кој посочи дека се работи на надминување на проблемот, кој не е едноставен, ниту од технички, ни од финансиски аспект.
„Ретнген апаратот е надвор од функција поради сериозен дефект, кој беше утврден од страна на сервисерот и санацијата на истиот чини 18 илјади евра. Апаратот е стар 12 години, купен е во 2014 година и нашата дилема беше дали е поисплатлива поправката на дефектот, или набавка на нов кој би можел да чини околу 20 илјади евра“ – вели Андонов.

За проблемот и можните решенија од ЈЗУ „Панче Караѓозов“ веќе разговарале и со Министерството за здравство, од каде покажале интерес да се сервисира актуелниот апарат, со оглед на тоа дека постапката за набавка на нов е подолга и ќе одземе значително повеќе време.
„Министерството за здравство е заинтересирано за поправка на постојниот апарат и покрај големата сума потребна за сервисот, со оглед на тоа дека јавен интерес е апаратот да се стави што побргу во функција, за граѓаните да не бидат принудени да плаќаат приватни здравствени услуги кои чинат по околу 1000 денари, имајќи предвид дека услугата овде чини само 40 денари.“ – додава Андонов.
Штипскиот здравствен дом не може сам да го сервисира дефектот, бидејќи во моментов установата не располага со таа сума на пари потребна за санација, па топката е кај министерството и Фондот за здравство, од чија брзина на реакција и зависи ставањето во функција на апаратот кој опслужува десетици илјади жители од Штип и околината.
(Каровски М.)







