Никола е глумец во филмот „Приказната за Силјан“, но тоа е вистинска животна приказна на него и неговото семејство
Ние од таа година веќе не садиме компир, а следната година ќе го искорнеме и лозјето. Нема никаква сметка.
Земјоделието кај нас е катастрофа. Никој не може да предвиди што ќе оди оваа година а што не.
Пиперките завршувт под трактор, грозјето и зелката скапуваат, компирот останува на нивата… Ова е слика на македонските земјоделци, кои мака мачат со откуп на произведената храна. Наша храна, која природата ни ја дала во изоблиство, но поради неспособноста и алчноста на тие што со децении ја водат државата и откупувачите нашето земјоделство умира, нивите опустошуват, а ние јадеме сомнителни производи од увоз. А луѓето се приморани да си го бараат чарето во други средени држави.
Токму оваа македонска тагедија е прикажана во документарниот филм „„Приказната за Силјан“, која ја виде светот. И ако зборуваме за филмот, за среќа, оваа приказна стаса до најголемите светски фестивали, но за жал, светот ја виде нашата мизерија и неспособност.

Животот на протагнистите Никола и Јана Цоневи од струмичкото село Добрoшинци прикажан во филмот низ приказната за штркот ја опишува земјоделската мака. Од семејство кое се занимава со земјоделство поради овие проблеми од година во година се повеќе и повеќе го намалувале прозиводството и денес се останати на одгледување на земјоделски култури само за себе.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
За да одблиску ги запознеме Никола и Јана заминавме во Доброшинци и уште на влезот во селото кога прашавме каде живее Никола ни рекоа- глумецот ли!

Никола е глумец во филмот, но тоа е вистинска животна приказна на него и неговото семејство. Ова семејство и после снимање на документарецот продолжило да си го живее вообичаениот живот. Светот зборува за нив, а Никола и понатаму оди на работа во депонијата, а Јана ги врши домашните обврски. А штркот, поради кој и станаа светски познати е однесен на социјализација. Но, пак ќе си дојде дома, бидејќи навистина се толку поврзани со Никола, што и тие неколку недели што го нема дома им недостасува. Тој до крајот на животот ќе остане кај Цоневи, бидејќи поради сериозноста на повредата на крилото никогаш повеќе нема да полета со своето јато.

-Работам во депонијата и таму имам можност да среќавам многу штркови. Доаѓаат по храна. Многу штркови има, можевте да видите во селово колку гнезда има. Штркот од филмот не е единствниот што сум го земал. Ќе најдам повредени, ќе ги чувам, ќе ги хранам и кога ќе оздрават ќе одлетаат. И со штркот во филмот мислевме дека ќе биде така, но тој е многу повреден, не може повеќе да лета и така стана дел од нашето семејство. Го засакавме и ние него и тој нас, рече тој и додаде:

-На Тамара и кажале дека имаме штрк и дојде. Така се запознавме. Тука се роди приказната. Штркот во моментов е во ресторан кај Ново Село, таму чуваат и други животни, но и штркови и го однесовме на социјализација, да не биде сам. Но, ќе го земеме пак. Штркот веќе не познава, не сака и нон стоп е покрај нас. Му купувавме храна, го хрниме со риби. Јас фаќам риби од реката, па кога ќе наловам повеќе му ги замрзнуваме. Покрај него се припитоми и друг, дојде кај нас, се дружеа ама тој оздраве и си летна. Нашиот е повреден, не може да лета и кога ќе ги види останатите штркови како летаат има многу тажен поглед. Како човек. А го ожалиш. Затоа го однесовме малку да сe дружи. Ако сме некаде отидени и не сме му дале јадење, тој доаѓа пред куќа и не чека да дојдеме. Се е вистина како во филмот. Се поклопија настаните, вели Никола.
Велат дека штрковите носат среќа и Јана е убедена дека токму затоа неговата приказна го заобиколи светот.

-Едно време имавме три штрка ама се опоравија и одлетаа. Но, се навикнавме со нашиот, го чуваме толку време и не му дадовме име. Кога почна да се снима филмот му дадовме име Силјан. Го засакавме многу, се навикнавме на него. Не можеме без него. Како нешто да му се предвидувало. Нели велат штрковите носат среќа. И ете. Неговата приказна го зобиколи светот, вели Јана.

И тоа е убавиот дел од „Приказната за Силјан“. Дугиот дел е нивниот живот и животот на струмичките земјоделци. Во филмот се прикажани протести, кои се вообичаена слика секоја есен, кога бриќетот си го газиме под нозе.

„Земјоделците не се робови“ извикуваат производителите во филмот додека протестираат, а тоа кажува се. Нивните солзи додека ги фрлаат пиперките, зелката и компирот се вистински, како и се друго во филмот.
Прочитајте исто така: Тешко е да се гледа вистината за животот во Македонија – Овации и солзи на премиерата на „Приказната за Силјан“
-Таа година кога се снимаше филмот компирот не одеше, френките не одеа. Чудна работа, се одеше во корист на филмот. За нас земјоделците беше многу лошо ама за нив се погоди. И оваа година е катастрофа како и тогаш. Ние од таа година веќе не садиме компир, а следната година ќе го искорнеме и лозјето. Нема никаква сметка. Затоа сега садиме чушки и френки само за нас и малку тутун, вели Јана.

И двајцата потврдуваат дека се она што се раскажало во филмот за нивниот живот е вистина.
-Работиш цело време, се печеш по нивите, си планираш колку ќе заработиш и на крај тешко разочарување. Се ни останува фантазија. Таа година имавме посадено многу компири и комирите останаа по нивите. Тажно е да фрлиш толкав труд, на крај да не можеш да заработиш за леб. Толку многу компир остана. Дел од компирите однесовме во селото Суви Лак во подруми на ладно, а дел летото стоеше тука, па се скапуваше. Маки невидени. Толку многу се разочаравме што сега веќе компир и за нас дома не садиме. Земјоделието кај нас е катастрофа. Никој не може да предвиди што ќе оди оваа година а што не. Ние користиме само кога ќе има некоја слана или јака зима во околните држави па да немаат кај нив и да земат од нас, ни раскажа Јана.
Прочитајте исто така: „Приказната за Силјан“ руши рекорди на гледаност
Јана е девојка од соседното село Ново Маало, а Никола од Доброшане. Се знаат уште од мали. Неколку години биле во љубовна врска и потоа решиле да се земат. Во бракот им се родиле син и ќерка, а сега ја имаат и внуката Ивана.

-Кај нас ништо не се смени после филмот. Ние сме луѓе од село, такви си бевме и такви си останавме а филмот е чиста случајност за нас. Само се вклопи нашиот живот во приказната. Ние сме луѓе кои не сакаме да се експонираме. Се е исто само што веќе не сме тие земјоделци што бевме, не садиме компири,а не садиме и бостан. Само по неколку корени за нас и пиперки и патлиџан и се друго. Само за наши потреби. Чувавме коњ и свињи ама сега и тоа не. Сега имаме само кокошки и куче. Кучето и штркот си живеат заедно. Толку се здружени што задно јадат, вели Никола.

Така умира земјоделството кај нас. И наместо да јадеме домашна здрава храна се повеќе и повеќе сме зависни од увоз. И додека си заминувавме од селото зад нас останаа штрковите кои се подготвуваа за југ и плодните напуштени ниви да чекаат некои подобри времиња кога конечно ќе ни проработи свеста…
Весна Миленковска
Фото: Шакир Јусинов/ Приказната за Силјан







