Секогаш барам приказни кои вреди да се раскажат- МФФ Киненова го претстави лауреатот Емин Алпер

На денешната прес конференција фестивалот Киненова ги претстави годинешниот лауреат- турскиот режисер Емин Алпер, кој е и претседател на жирито заедно со Александра Максимовиќ и Гоце Цветановски. 

-Многу сум среќен што сум овде, задоволство ми е и чест ми е што сум дел од годинешново издание на фестивалот Киненова. Прв пат сум во Скопје и во Македонија и возбуден сум што ќе гледам филмови и ќе разговараме за нив со моите колеги од жирито, рече Алпер.

За филмот „Спасение” Емин Алпер доби Сребрена мечка на Берлиенале, а на фестивалот Киненова ќе биде прикажан неговиот прв филм „Зад ридот” за кој исто така на Берлиенале доби две награди, бидејќи МФФ Киненова е фестивал на дебитантски филмови.

-Публиката ги сака моите филмови бидејќи во нив ги портретирам обичните луѓе од социолошки и психолошки аспект, а во исто време сакам да го потенцирам конфликтот кој во последниве години е многу изразен во секое општество, но и во светот и авторитарните режими претставуваат се поголема опасност за обичниот човек и за неговото секојдневие и егзистенција. Почетоците на приказната потекнуваат од различни инспирации, но најпрво ја поставувам приказната, а потоа ги градам ликовите, но се обидувам да го најдам вистинскиот лик во приказната кој точно ќе го иницира почетокот  зошто почнал да ја гради приказната и да го пишува сценариото за тој филм. Секогаш барам приказни кои вреди да се раскажат и вреди да се чујат и да се видат. Иако магистрирав на историја, конкретно 19 и 20 век, сепак моја прва љубов беше филмот. Едноставно се обидов од тоа што сум го научил да го вметнам во филмовите, а најчесто во историјата го гледав конфиктот и затоа го има во сите ликови и внатрешни и надворешни конфликти. Се обидувам да ги внесам во некои актуелности, бидејќи секогаш ме интересирале големите конфликти. Исто така на моето творештво има влијание и литературата особено писателот Јашар Кемал. 

Со Емин Алпер на фестивалот гостува и неговиот близок соработник и монтажер, Озкан Вардар, кој пред присутните раскажа дека има потекло од Македонија, поточно од Велес.

-Моите баба и дедо и по мајчина и по таткова страна потекнуваат од Македонија. Мајка ми и татко ми се родени во Велес и многу ми е драго што сум за прв пат во Македонија, рече Вардар и на македонски рече дека знае само да праша „Како сте”.

Александра Максимовиќ е документаристка и монтажерка од Хрватска, која живее и работи во Обединетото Кралство, а Гоце Цветановски, македонски филмски режисер и автор на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата”. И двајцата изразија задоволство што се дел од жирито и што ќе имаат можност да гледаат прекрасни филмови на фестивалот.

Програмата на фестивалот денеска предвидува мастерклас на Озкан Вардар кој ќе се одржи на ФДУ и проекција на филмови од Драма фестивалот – „Драма Филм Фестивал патува на Киненова 2026″ кои ќе се одржат во салата на Вардар филм. 

МФФ Киненова е поддржана од Агенцијата за филм на РСМ и општина Кисела Вода.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ