Над 100 глобални говорници пристигнуваат во Скопје
Повеќе од 400 стартапи ќе бидат дел од самитот
Еден македонски стартап ќе добие шанса за финале во Сан Франциско
Скопје за неколку дена ќе биде место на средба на стартапи, инвеститори, основачи и технолошки компании од повеќе од 50 земји.
Од 1 до 4 октомври во македонската престолнина ќе се одржи Startup Revolution AI Summit 2026, со програма посветена на вештачката интелигенција, новите технологии, инвестициите и растот на стартап-компаниите.
На самитот се најавени повеќе од 100 глобални говорници, над 400 стартапи и повеќе од 10 компании со статус на „еднорози“ – стартап компании чија вредност надминала една милијарда долари.
Што ќе значи ова за македонските стартапи? Од Startup Club Skopje за Канал 77 велат многу, но најмногу од сè – пристап:
„Пред сè, значи пристап. Пристап до инвеститори, искусни основачи, ментори, потенцијални клиенти и партнери до кои еден македонски стартап вообичаено би стигнал по многу повеќе време, патувања и градење контакти.
Кога на едно место имаме повеќе од 100 глобални говорници и инвеститори, над 400 стартапи и учесници од повеќе од 50 земји, се отвора простор тие средби да прераснат во нешто конкретно – соработка, размена на искуство, нов клиент, учество во меѓународна програма, пристап до нов пазар или потенцијална инвестиција.
Затоа Startup Revolution не го градиме само како конференција. Преку Startup World Cup, Startup Expo, Founder Games, менторски сесии и различни networking формати сакаме македонските стартапи не само да слушаат успешни приказни, туку да седнат на иста маса со луѓето што можат да бидат дел од нивната следна.“ – велат од Startup Club Skopje за Канал 77.

Не само говорници – туку градење реалации со луѓе со кои во иднина ќе може да се седне на иста маса
Над 100 говорници и инвеститори од повеќе земји на едно место значат можност за контакти кои вообичаено бараат месеци работа и патувања.
Организаторите очекуваат токму тие средби да отворат простор за нови клиенти, партнерства, меѓународни програми, пристап до нови пазари и потенцијални инвестиции.
Затоа, велат од Startup Club Skopje, самитот не го гледаат само како конференција.
Програмата вклучува Startup World Cup, Startup Expo, Founder Games, менторски сесии и networking формати, со цел основачите да не останат само публика.
„Сакаме македонските стартапи не само да слушаат успешни приказни, туку да седнат на иста маса со луѓето што можат да бидат дел од нивната следна“, велат од клубот.

Македонија и Скопје се позиционираат на стартап мапата на Европа
Покрај самиот настан, прашањето е и дали ваквите активности можат да помогнат Скопје да стане препознатлива точка на европската стартап-сцена.
Од Startup Club Skopje велат дека веќе има показатели за движење во таа насока.
„Според StartupBlink Global Startup Ecosystem Index 2026, Македонија е рангирана на 70. место глобално, со напредок од осум позиции и 75% раст во однос на претходната година.
Но позиционирањето не се гради со еден настан, ниту само со позиција на ранг-листа. Се гради кога меѓународни инвеститори, компании, основачи и организации доаѓаат во Скопје, го запознаваат нашиот екосистем и од тие средби произлегуваат партнерства, размена на знаење, учество во меѓународни програми и пристап до нови пазари.
Токму тоа сакаме да го градиме со Startup Revolution и со целогодишната работа на Startup Club Skopje – Скопје да стане точка на поврзување на стартапите од Западен Балкан со Европа и светот.“ – велат од клубот.

Еден стартап оди во Сан Франциско
Еден од сегментите што може да донесе конкретна можност за домашните основачи е Startup World Cup.
Преку него, еден стартап од Скопје ќе добие можност да продолжи на глобалното финале во Сан Франциско.
Но, организаторите велат дека не сакаат целото внимание да биде насочено само кон инвестициите.
За еден стартап најважен може да биде инвеститор. За друг – нов клиент. За трет – партнерство, ментор или покана за меѓународна програма.
„За нас најважно е што ќе остане откако ќе завршат четирите дена на самитот“, велат од Startup Club Skopje.
Инвестицијата не е единствениот резултат
Инвеститори со портфолија од над една милијарда евра ќе бидат дел од настанот.
Тоа отвора можност македонските и регионалните стартапи да дојдат до капитал кој најчесто е концентриран во поголемите европски технолошки центри.
Но, според организаторите, успешен самит не значи задолжително само потпишан инвестициски договор.
Може да значи и прв разговор со потенцијален инвеститор, нов клиент, партнерство или контакт кој подоцна ќе отвори врата кон друг пазар.
Токму затоа од Startup Club Skopje велат дека успехот нема да го мерат само според бројот на присутни.
„Не сакаме успехот на Startup Revolution да го мериме само со бројот на учесници, туку со бројот на можности што ќе продолжат да живеат по завршувањето на самитот.“ – велат од клубот.
Четири дена за AI, стартапи и глобален раст
Програмата ќе опфати теми од вештачка интелигенција и FinTech, до HealthTech, сајбер-безбедност, Data, климатски технологии, Agritech и Creator Economy.
Посебни сегменти се наменети за стартапи и scale-up компании, со теми како развој на производ, продажба, автоматизација, AI имплементација, прибирање средства и меѓународна експанзија.
Практично, во ист простор ќе се најдат оние кои сè уште ја бараат првата голема можност и компании кои веќе се подготвуваат за следниот чекор на глобалниот пазар.
А токму тоа е и главната амбиција на Startup Revolution – Скопје да не биде само место каде што се зборува за глобалната стартап сцена, туку место каде што таа сцена се случува.
(Каровски М.)



