На планината Јакупица, во велешко, спасено е мече кое било фатено во нелегално поставена стапица. Животното го пронашле ловџии од Ловечкото друштво „Руен“ од Велес, кои слушнале силно рикање и го забележале мечето заробено во сајла.
Во близина била и неговата мајка, која го набљудувала настанот. Во акцијата за спасување учествувале инспектори, ловџии, еколози, полицајци и ветеринар. Мечето било пронајдено на локалитетот Чеплес, во близина на рибникот Нежилово.
Ветеринар од Скопската зоолошка градина го успал животното за да го прегледа. Стапицата била отстранета, а мечето немало видливи повреди. Станува збор за мажјак стар околу три години и тежок околу 70 килограми. По прегледот, мечето било пуштено назад во природата.
За случајот бил известен јавен обвинител од Велес. Полицијата ја запленила стапицата за вештачење и поведување кривична постапка.
(К.М.)




