- Совесна скопјанка на враќање од работа застанала и го тргнала новороденото ждребе, кое се’ уште ја имало папната врвца на себе
- Следи акција на згрижување, каде повторно на дело се иницијативите на загрижени индивидуалци
- Државата нема згрижувачки центар за ваков вид на животни, кои привремено би биле сместени
Додека градот се будеше во исчекување на почетокот на најавениот маратон, возачите на „Илинденска“ во Скопје рано изутрината сведочеа на невообичаена глетка. Кобила го донела на свет ждребето сред улица и таму останала, се’ додека сосвесна скопјанка сама не го тргнала новороденчето од коловозот и го однела на тревата покрај булеварот. Билјана Николовска со објавата на фотографијата со мајката и новороденчето напиша дека при тоа никој не сакал да помогне, а таа сама одвај успеала да го тргне ждребето. При тоа Николовска се обидела да комуницира и да побара помош од неколку организации, но залудно.
Слушајте радио во живо
И тука почнува вториот дел од спасувачката акција, во која се вклучува Тања Ололовска Ристевска, инспектор во Агенцијата за храна и ветеринарство. Со нејзина интервенција екипа на Зоолошката градина од Скопје излегле на терен и со возило ги транспортирале кобилата и ждребето на сигурно.
-И двајцата се добри, сместени се на сигурно, посебено се во бокс. Новороденото е машко и е во добра состојба, ни изјави во телефонскиот разговор Ололовска Ристевска.

Кобилата, како што сведочат граѓаните на Карпош, со денови се движела по зеленилото во околината, пуштена, заедно со уште неколку други коњи. И не е прв пат намерно пуштени или напуштени животни да бидат наоѓани по градовите и осбено Скопје. Но, ова е прв пат во поново време, кобила да се ождреби сред булевар.
Оловска Ристевска укажува на уште еден системски недостасток, а тоа е немање на соодветен згрижувачки центар, место, каде животните во вакви случаи, како денешниот би ја добиле потребната грижа и третман. Поради тоа, се’ се сведува на иницијативноста на индивидуалци и покренување на акции во кои институциите немаат обврска да се вклучат, како што изутрината тоа го направи Зоолошката градина во Скопје.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски ги повика Агенцијата за храна и ветеринарство и МЗШВ „итно да пристапат кон заедничка, координирана акција, секој во рамките на своите надлежности’.
-Потребни се конкретни мерки, како заштита и соодветно згрижување на животните, одговорност за нивната експлоатација и злоупотреба, регираше Ѓорѓиевски.
Кобилата и новороденчето изутрината ја добија потрегната грижа, но што со следниот случај на напуштено и изгледнето до смрт животно, како што до сега сме сведочеле на повеќе примери?
Фотографии: ФБ





