- Двајца сведоци се појавиле, а двајца се повлекле од претходно најавеното сведочење.
- Пиротехничарот не бил пронајден, ниту од судот ниту од одбраната, според реакцијата на семејствата.
- Родителите бараат сериозна и ефикасна постапка, без непотребно одолговлекување и трошоци.
Судењето за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ продолжува со изведување докази на одбраната, но денешното рочиште предизвика реакција кај семејствата на загинатите. Тие во своето обраќање го отвораат прашањето за релевантноста на предложените сведоци и последиците што ги имаат ваквите рочишта врз родителите кои редовно ја следат постапката.
Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!
Родителите прашуваат за улогата на предложените сведоци
Според реакцијата на семејствата, од седумте најавени сведоци на одбраната на првообвинетиот, на судењето се појавиле само двајца, додека двајца се откажале од сведочење. Дополнително, не бил пронајден ниту пиротехничарот кој бил предложен како сведок.
Семејствата го доведуваат во прашање начинот на кој бил предложен овој сведок, но и значењето на исказот на сведокот Бојан од Гевгелија. Тие наведуваат дека неговото сведочење не ги потврдило претходните најави за запалување на озвучувањето, туку дека станувало збор за испуштање чад.
Во целост ја пренесуваме реакцијата на семејствата на загинатите:
„На денешното рочиште, од седум најавени сведоци на одбраната на првообвинетиот, се појавија само двајца, двајца се повлечени, а пиротехничарот не успеваат да го пронајдат ниту судот ниту одбраната.
Се поставува сериозно прашање – дали воопшто постои тој фамозен пиротехничар и врз основа на кои податоци е предложен како сведок?
Сведокот Бојан од Гевгелија, пак, не ги потврди претходните најави дека имало запалување на озвучувањето. Според неговото сведочење, немало запалување, туку само испуштање чад. Оттука, се поставува прашањето каков е вистинскиот придонес на неговиот исказ за утврдување на причините и одговорноста за трагедијата.
Ние, семејствата на загинатите, сме присутни на рочиштата, повторно преживувајќи ја траумата од таа кобна ноќ. Секој нерелевантен исказ за нас значи повторно поминување низ болката и траумата, додека за адвокатите на одбраната тоа значи уште еден работен ден и дополнителна дневница, а за државата нови и непотребни трошоци од народните пари.
Не бараме привилегии, туку сериозна, ефикасна и правична судска постапка, во која секој доказ и секој сведок ќе придонесат за утврдување на вистината.
Нашата болка е реална, нашата загуба е неповратна, а нашето трпение не е бесконечно.
Зад секое рочиште стојат родители кои ги загубија своите деца. За нас ова не е обичен судски предмет. Ова е борба за вистината, одговорноста и правдата за 63 изгубени млади животи.“
Слушајте го Канал 77 радио во живо КЛИКНЕТЕ ТУКА
(Каровски М.)







