Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против две службени лица вработени во Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија поради постоење на сомнение за сторени кривични дела “Проневера во службата” од член 354 од КЗ на РСМ и“Фалсификување или уништување деловни книги” од член 280 од КЗ на РСМ.
-Првопријавената А.Н., во својство на Директор на Секторот за финансии и сметководство на Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија, заедно со второпријавената Д.Д, вработена на работно место Шеф на финансиски работи, целокупниот дневен промет за 2024 година во вкупен износ од 46.038.720 денари кој им бил доверен од сопствените продажни места на АД Државна лотарија не го уплатиле и депонирале на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки и од банкарските сметки на АД Државна лотарија подигнале парични средства во вкупен износ од 33.950.724 денари кои противправно ги присвоиле за себе, информираат од Финансиска и додаваат:
-Со цел да ги прикријат трагите од извршеното кривично дело и недостигот на проневерените парични средства, вршеле префрлање на парични средства помеѓу банкарските сметки на друштвото, креирале налози за трансакции и реализирале уплати и исплати со кои лажно прикажувале дека биле извршени финансиски трансакции во значителни износи. Истовремено, изготвувале и употребувале невистинита финансиска и сметководствена документација, преку евидентирање фиктивни касовни исплати од благајната на друштвото, при што противправно присвоените парични средства биле раскнижувани на различни сметководствени конта врз основа на фиктивна документација, со што лажно се прикажувала нивната намена и се прикривал недостигот на средствата во деловните книги на друштвото, се веи во информацијата.
Од Финансиска полиција посочуваат дека со горенаведените дејствија, првопријавената А.Н заедно со второпријавената Д.Д. прибавиле противправна имотна корист, а на АД Државна лотарија на Република Северна Македонија му предизвикале имотна штета во износ од 79.989.444 денари. Во рамки на постапката, во координација и под раководство на надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје, а врз основа на наредби од надлежен суд, во текот на вчерашниот ден извршени се претреси на вкупно пет локации, од кои четири на подрачјето на Скопје и една на подрачјето на Валандово. При извршените претреси се пронајдени и одземени поголем број предмети и материјали од интерес за постапката, меѓу кои сметководствена документација во оригинал која се однесува на АД Државна лотарија на Македонија, мобилни телефони, лаптоп-компјутери, USB-уреди, надворешни хард-дискови и друга електронска опрема, парични средства, злато и златен накит, накит од брендот „Сваровски“, часовници со поголема вредност, како и брендирани чанти од познати светски производители, меѓу кои „Хермес“, „Луј Витон“„ Диор“ и други.
-Дополнително, надвор од една од претресуваните локации, во соседен двор, е пронајдена и одземена фрлена документација која е од интерес за постапката. Во рамки на спроведената акција, пријавените лица се лишени од слобода. Предметот е резултат на наодите на извршената ревизија од страна на Државниот завод за ревизија во АД Државна лотарија на Република Северна Македонија, информират од Финансиска.
Основното јавно обвинителство Скопје, пак, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршителки сториле кривично дело- Проневера во службата од член 354 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
-Во текот на цела 2024 година, првоосомничената на позиција директор на Секторот за финансии и сметководство и второосомничената како шеф на финансиски работи во АД за приредување игри на среќа Државна Лотарија на Република Северна Македонија, вршејќи ги нивните посебни овластувања и должности определени со закон, заедно учествувале во дејствија на извршување на кривичното дело проневера со намера да прибават за себе противправна имотна корист. Тие присвоиле пари доверени во службата во значителен износ од 79.989.444 денари. Како овластени лица за подигнување на готовински средства наменети за исплата на мали добивки и лица задолжени за прием и уплата на дневниот промет остварен од сопствени продажни места на друштвото, тие целокупниот дневен промет за 2024 година кој им бил доверен од продажните места на АД Државна Лотарија на РСМ, не го уплатиле и не го депонирале на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки, туку го присвоиле за себе. Дополнително, од банкарските сметки на АД Државна Лотарија на РСМ подигале парични средства кои исто така ги присвојувале за себе, информираат од ОЈО и додаваат:
-Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од криење и бегство, постои основан страв дека осомничените ќе ае обидат да ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело, како и особени околности кои укажуваат дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците, вештаците, соучесниците или прикривачите, но и околности што упатуваат на можноста да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двете осомничени, се вели во информацијата.






