Украина го отфрли американскиот предлог за прекројување на границите на регионите Донецк и Луганск, со кој емисарите на Белата куќа се обидоа да ѝ овозможат на Москва да прогласи контрола врз целиот Донбас без да ги освои градовите што сè уште ги држат украинските сили, пишува „Киев пост“.
Според овој план, административните граници на двата региона би биле стеснети на хартија за да ја следат линијата на борбите, додека преостанатите слободни области едноставно би биле исклучени од дефиницијата на Донбас, давајќи му на Владимир Путин симболична победа.
Со предлогот, специјалните пратеници на Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, се обидоа да ја заобиколат најголемата пречка за мировниот договор – руското барање да предадат 5.000 квадратни километри територија што нивната армија не успеа да ја освои на терен. Меѓутоа, веднаш пристигна отфрлањето од Киев со порака дека никогаш нема да ја признаат руската окупација.
„Украинската делегација никогаш не разговараше за отстапки за окупираните територии. Украина никогаш нема да го признае тоа, ниту де факто, ниту де јуре. Тоа отсекогаш била нашата позиција на масата“, рече неименуван извор од украинскиот преговарачки тим.








