(Видео) „Помагав од хумност, не да станам популарен“ – Кој е трактористот Аце кој храбро му се спротивстави на пожарот

Фото: Приватна архива

Александар Чепиговски од село Ивањевци е момчето кое со својот трактор вчера вечерта му се спротивстави на големиот пожар.Трактористот Аце влегол со тракторот во огнот, го изорал просторот и го спречил проширувањето на огнот.

Денес нема кој не зборува за храбриот подвиг на Аце, а тој е среќен што успеале да ги спасат куќите.

Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!

-Вчера беше многу страшно, огнот имаше стасано на две метри до куќите. Таму не можеше да помине противпожарната единици, лош е теренот. Најстрашно беше во селото Ново Селани, ама сега пожарот е за среќа изгаснат а куќите се спасени. Но, земјоделските површини не можевме да ги спасиме, изгоре тутун, пченки и се друго таму што има посадено. Голема површина. Помогнав колку можам со тракторот. Влегов со тракторот низ оган, цистерна имав закачено на тракторот. Тука е многу стрмно, вели Аце.

Откако Ангелов го пофали на Аце телефонот не престанал да му ѕвони. Но, тој вели дека се што направил не направил за да биде популарен.

Погледнте го видеото од подвигит на Аце:

-Јас не сум таква личност. Не сум од луѓето што кога прават нешто го прават за да станат познати. Јас помогнав од хумност, таков човек сум. Сакав да ги спасам соседните жители со кои живееме и соработуваме. Ама од сите што беа таму само јас и уште едно другарче не се откажавме. Влегувавме низ капини за да го изгасниме, скромен е тој.

Аце не само што е скромен туку е и вреден. Вработен е во ЗК „Пелгонија“, работи со земјоделски машини., а заедно со брат му обработуваат 30 хектари земјоделска површина.

-Тракторот е мој, бидејќи и ние одгледуваме земјодлски култури. Садиме сончоглед, пченки, бавча, ама само за нас. Ова го правиме со брат ми заедно, бидејќи родителите ни се починати. Го правиме за да можеме да прeживееме. Aко има некоја сметка поголема да може да ја платиме. Садиме жито и приходот се поклопува со расходот. За нас, за маката, за наемнината што ја плаќаме за нивите, бидејќи не се сите наши, нема. Околу 15 хектари имаме земено под наем, вели разочарано тој.

Прочитајте исто така: (Видео) „Трактористот Аце е херој“ – Ангелов за пожарите во Македонија

Аце има 34 години и не е женет. Вели дека нема девојка, бидејќи, смета тој, девојките не само што не сакаат да живеат во село туку не сакат ниту во град.

-Немам девојка. Девојките не сакаат да живеат во село, ниту пак, во град. Работат, си шетаат, сакаат да си бидат слободни, да си одат каде сакаат. Не ги интересира брак. Ивањевци не е големо село, нема многу народ, иселени се. Далеку е од Битола околу 25 километри. Ретко излегувам во Битола, во цела година дали 2-3 пати сум излегол. Имам многу работа.Планирам да заминам во странство, големи се шансите. Но, ако тоа не успее мојот живот и понатаму ќе остане во Ивањевци, дециден е тој

В.М.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ