Музика и гласен разговор во сабота навечер кога се одржуваше Д фестивал во една од просториите на штипскиот Архив, беше забележан на виде запис што до нашата редакција ни го испрати слушател. Снимката е направена вечерта, пред почетокот на настапот на Бајага на фестивалот, кој се одржуваше преку патот од Архивот, на Градскиот стадион.
На снимката се слуша жагор од гласен разговор на повеќемина, а според информацијата од слушателот, забележани се луѓе, кои пушат на терасата.
Според сведочењето, и друг пат имало вакви собирања на луѓе во Архивот, како што било случај на Пастрмалијадата, што исто така, се одржува во непосредна близина на архивската зграда.
Архивот, според официјална интернет страна, не работи за време на викенд, ниту навечер, односно со работно време секој работен ден од 8.30 до 16.30 часот.
Ќе треба некој да одговори што се случувало во посочените денови, кога биле забележани и пушачи. Во зградата на Архивот се чуваат документи и други вредни архивски материјали, што можат лесно да настрадаат во овие врели летни денови.





