За 35 денови следење на ТикТок, шпанската организација Maldita.es откри повеќе од 20.000 профили што би можеле да бидат поврзани со педофили и повеќе од 1.000 видеа за сексуална злоупотреба на деца. Видеата се прегледани вкупно околу 48 милиони пати.
По објавувањето на резултатите, шпанското Министерство за млади и деца побара истрага и предупреди дека ТикТок може привремено да биде забранет во земјата, објави Јуроњуз.
Истражувањето траело од 11 септември до 15 октомври, а меѓу откриените профили повеќе од 7.000 биле на шпански јазик.
Извештајот, наречен „ТикТок: Дом на педофили“, е третата истрага на организацијата Maldita.es за сексуалната злоупотреба на деца на таа социјална мрежа. Истражувачите анализирале профили, коментари и преноси во живо, а исто така отвориле и свои сметки за да проверат како алгоритмот на ТикТок реагира на таква содржина.
Истражувачите пронашле 231 профил на кои биле објавени вкупно 1183 експлицитни содржини поврзани со сексуална злоупотреба на деца. Тие, исто така, открија 780 сметки што се користат за привлекување купувачи на таков материјал и повеќе од 10.000 профили што бараат размена на сексуални фотографии во коментарите.
Кога ќе се соберат сите категории вклучени во истражувањето, организацијата наведува дека пронашла околу 26.000 извештаи за потенцијални педофили. Тие, исто така, документирале 91 пренос во живо во кои учествувале деца од 17 земји. За време на тие преноси, гледачите ги замолувале децата да прават одредени работи, понекогаш од сексуална природа, во замена за пари.
Најчесто се појавувале преноси од Шпанија, Тајланд, Виетнам, Мјанмар и Русија. МИА




