Утре ќе биде објавена Анализата за состојбата во основното образование и јавно достапна на веб-страницата на Министерството за образование и наука. Оваа Анализа според министерката за образование и наука Весна Јаневска дава преглед на училишната мрежа, за која е најавена оптимизацијата. Горливото прашање со затворање на училишта и намалување на бројот на наставници, според Јаневска. Ќе се решава во период од четири години без отпуштања, преку природен одлив, односно пензионирање на наставниот кадар.
„Во четиригодишен период, со природно одлевање на наставниците, нивно одење во пензија, без притоа да сметаме дека некој ќе се отсели или ќе се разболи, би требало да постигнеме оптимална бројка. Ниту еден наставник во овие две години не е отпуштен од работа. Им овозможивме да бидат кариерни советници, асистенти за деца со посебни образовни потреби, да реализираат дополнителна и додатна настава, општествено корисна работа, како и активности во клубови, хорови, оркестри, драмски и поетски секции, работа со талентирани ученици и со ученици кои заостануваат во учењето “, кажа министерката одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.
Јаневска нагласи дека реформите се насочени кон подобрување на квалитетот на наставата, а не кон намалување на бројот на наставници.
„Учениците треба да бидат повеќе во училиште, но и наставниците треба да бидат повеќе во училиштето. Од сегашните 6.816 часа треба да стигнеме до 7.775 часа, што е просек во земјите на ОЕЦД. Тестирањата покажуваат дека знаењето на нашите деца не е ниту просечно, туку е далеку под просекот“, рече таа.
Презентирајќи ги податоците од анализата, Јаневска рече дека во мај 2026 година во одделенската настава (од прво до петто одделение) имало 6.324 паралелки, додека оптималниот број е 5.370, односно вишок од 954 паралелки. Во предметната настава (од шесто до деветто одделение) има 4.677 паралелки, а оптималниот број е 3.809, што значи вишок од 868 паралелки.
Вкупно во основното образование функционираат 11.001 паралелка, додека оптималниот број би бил 9.179, што значи дека има вишок од 1.822 паралелки, со значителни дополнителни трошоци за државниот буџет.
Министерката оцени дека главната причина за ваквата состојба е демографскиот пад.
„Според проекциите, од 172.412 ученици во учебната 2025/2026 година, бројот ќе се намали на околу 158.000 во учебната 2029/2030 година. Во последните четири години изгубивме околу 4.000 новородени деца. Ова не е проблем на една влада или на една политичка партија, туку на државата“, рече Јаневска.
Министерката Јаневска, повикувајќи се на податоци од Државниот завод за статистика, додаде дека во изминатите седум години државата ја напуштиле околу 17.000 ученици.






