Поголемиот број возила на Табановце се должи на тоа што станува збор за прв ден од примената на овој механизам

Министерството за внатрешни работи информира дека од денеска започна примената на воспоставениот механизам за постапување со возачите на возила со странски регистарски таблички кај кои системот „Безбеден град“ евидентирал сторен сообраќаен прекршок на територијата на Македонија.

Оттаму појаснуваат дека поголемиот број возила кои денес се појавуваат на граничниот премин Табановце се должи на тоа што станува збор за прв ден од примената на овој механизам, при што се опфаќаат и претходно евидентираните прекршоци. 

Прочитајте исто така: Не споделувајте лични податоци во лажни пораки од „Безбеден град“

-На Граничниот премин Табановце, при излез од државата, се појавуваат возила кај кои системот има претходно евидентирано сообраќајни прекршоци. На возачите им се соопштува дека е евидентиран прекршок и им се издава Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, со можност казната да ја подмират согласно законската постапка, информира МВР.

Министерството за внатрешни работи презема активности за непречено одвивање на постапката и намалување на задржувањето на патниците.

Слушнете го Канал 77 радио во живо онлајн!

-Со воведувањето на овој механизам се обезбедува еднаков и неселективен пристап во санкционирањето на сообраќајните прекршоци, без оглед дали станува збор за возила со домашни или странски регистарски таблички, посочува Министерството.

Од МВР потсетуваат дека „Безбеден град“ претставува значаен инструмент за унапредување на безбедноста во сообраќајот и зголемување на одговорноста кај сите учесници во сообраќајот, и наведуваат дека продолжуваат со имплементацијата на системот, со цел неговата примена постепено да се прошири и на останатите гранични премини во државата. 

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање