Есента во земјата и на северната хемисфера почна ноќеска во 2.05 часот по полноќ. Во исто време на јужната полутопка на Земјата настапи пролетта.
Првиот есенски ден е 266. ден во годината и ќе трае 12 часа и 7 минути. Сонцето во Скопје изгре во 6 часот и 22 минути, а ќе зајде во 18 часот и 30 минути. До крајот на годината остануваат уште 99 дена.
Преминот кон новата сезона е означен со есенската рамноденица – моментот кога Сонцето, гледано од Земјата, го преминува небесниот екватор и го продолжува своето привидно движење кон јужната хемисфера.
По есенската рамноденица, северната хемисфера навлегува во период на постепено скратување на деновите и продолжување на ноќите. Овој тренд продолжува сè до зимската краткодневица во декември.
Есента годинава ќе трае до 21 декември во 14.50 часот кога календарски почнува зимата.
На првиот ден од есента, според синоптичарите, утрото е ведро и постудено, а потоа сончево со мала до умерена локална облачност. Максималната температура ќе достигне до 23 степени.




