Денешното рочиште за мирење по приватната тужба од фирмата на сопствениците на Пулс, БИТ ТИМ, против деветмина млади кои ден по трагедијата го демолираа Класик кафе, се одложи за 24 април.
До судот пред 3 дена било доставено Барање за одлагање на рочиштето од страна на полномошникот на подносителот на тужбата, адвокат Ивана Коцевска, со кое бара да биде одложено за друг датум, будејќи за денешниот ден била ангажирана во друг предмет кој не бил подложен на одлагање заради итноста на постапката, но без да наведе доказ за тоа.
Од обвинетите отсутни беа петмина обвинети. Дел од нив имаа ополномоштени адвокати, еден обвинет имаше присутна ополномоштена мајка, за еден обвинет поканата е вратена со назнака дека лицето е во Италија, а за друг обвинет дека се наоѓа во Словенија.

На рочиштето присуствуваа повеќе родители на загинати деца во дискотеката Пулс во знак на поддршка на обвинетите, а пред судот имаше несекојдневен протест на Стојан Рашков за поддршка на обвинетите со книгата ,,Трите смртни пресуди на Павел Шатев” како симбол на неправедното гонење.

Според Рашков, нема никаква основа за гонење на обвинетите, бидејќи демолираниот објект е дивоградба, а купениот инвентар е купен во кеш и нема материјален доказ дека е во сопственост на фирмата тужител.
Неофицијално, овие два податока се клучни во процесот – Дали надворешниот дел од Класик кафе, кој беше ограден со стакло од три страни е противправно изграден, како и дали инвентарот бил купен на рати во готовина од фирма за мебел, што го отвора прашањето како ќе биде докажана сопственоста на инвентарот, доколку истиот не е купен со купопродажен договор и со фактура од страна на фирмата БИТ ТИМ.
Во протестот на 17 март попладнето, веднаш по смртоносниот пожар во „Пулс“, граѓаните кои се собраа на протест, поминаа во центарот на Кочани, каде беше запален кафичот „Класик“ на Јованови, по што се упатија кон нивната семејна куќа и оштетија возило на пошта со која работи една од фирмите на Јованови. Имаше бројни видеа од настаните.

Во деновите што следеа имаше повеќе информации дека дел од учесниците биле повикани на информативен разговор од полицијата, но не и потврда дека е поведена постапка од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Здружението на семејствата на загинатите „16 март 2025“ го осудуваат насилството, но и подвлекуваат дека според нивните сознанија, досега не е утврдено постоење на кривично дело „насилство“ од 17 март:
„Здружението недвосмислено се дистанцира од каква било форма на насилство и постојано се залага за законито, мирно и достоинствено изразување на јавниот револт. Во однос на настаните по трагедијата во Кочани, укажуваме дека според досега јавно достапните податоци не е утврдено постоење на кривично дело „насилство“, а постапките што се водат во моментот се иницирани врз основа на приватна кривична тужба за наводна имотна штета“, соопштија од Здружението.
Дел од родителите на починатите деца во пожарот изразија сомнеж во легалноста на работењето на објектите на Јованови – дискотеката „Пулс“ и кафичот „Класик“.
Александар Наунов, татко на починатата Надица Наунова, прашува како воопшто биле вршени финансиски трансакции и плаќања за наводниот имот, имајќи предвид дека сметката на правното лице била блокирана во релевантниот период.
„Особено индикативно е што, и покрај блокадата, сметката евидентирала приход во износ од 4.000 денари, што отвора основано сомнение за незаконито располагање со средства и заобиколување на законските забрани. Понатаму, тужителите не приложуваат ниту еден валиден доказ со кој би се утврдила сопственост или право на користење на предметниот имот. Истиот не е внесен како основачки влог, како што тоа е задолжително согласно Законот за трговски друштва, не постојат фактури, договори, ниту било каква сметководствена и финансиска евиденција што би го потврдила неговото постоење како дел од имотот на фирмата. Отсуството на основни правни и финансиски докази јасно укажува дека наводните побарувања се неосновани, фиктивни и без правна основа, а бараните суми се насочени исклучиво кон покривање на трошоци за адвокатски услуги и водење на судски постапки, што претставува злоупотреба на судската заштита и обид за неосновано стекнување“, вели Наунов.
Инаку, БИТ ТИМ е фирма на Михаил Јованов, син на сопственикот на Пулс, Дејан Јованов Деко, а неофицијално таткото и синот заедно менаџирале и со двата угостителски објекти, кабарето Пулс во индустриската зона „Штипски пат“ и кафе-барот Класик во центарот на Кочани, во прилог на што одеа и објавените комуникации меѓу Михаил Јованов и инспектори во сторија на ИРЛ.
(К.М.)






