Поранешниот директор на Институтот за судска медицина, Алексеј Дума, во изјава за „360 степени“ потврдува дека станува збор за проект што се реализирал во периодот меѓу 1990-тите и 2000-тите години. Притоа, вели дека не станувало збор за никаков профит зашто, како што вели, мозокот не може да оди на црниот пазар
Кога прифативме, согласност даде и етичкиот комитет на Медицинскиот факултет, вели Дума.
Мозок не може да се продаде и тој не може да се трансплантира, вели поранешниот директор на Институтот за судска медицина и криминалистика, Алексеј Дума.
„На Универзитетот веќе имаа банка на мозочни ткива кои ги земаа од цел свет со строго дефинирано што им треба – шизофреничари и самоубиства“, додава тој.
За тоа дали семејствата на починатите, чии мозоци биле праќани за испитувања, биле запознаени со проектот, Дума не даде конкретен одговор, но рече дека биле задоволени сите критериуми и кај нас и во САД.
„Кога прифативме, согласност даде и етичкиот комитет на Медицинскиот факултет. Согласноста беше да се продолжи по правилата, без никаков профит и во сето тоа никој од надвор не беше вклучен“, вели Дума.
Тој потврдува дека посредникот помеѓу Универзитетот „Колумбија“ и Институтот бил професорот Горазд Росоклија, а во проектот биле вклучени речиси сите доктори од Институтот, како дел од Медицинскиот факултет во Скопје.
Целта на соработката меѓу Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк и Институтот за судска медицина во Скопје била проучување на мозочните промени кај шизофренија и други психијатриски нарушувања. Македонија била избрана затоа што имала висока стапка на обдукции и квалификувани лекари, но недоволно ресурси за истражување. Американската страна имала напредна технологија, но недостиг од примероци.







