Здружението за заштита на правата на животните Анима Минуди вели дека во просек 5 од 6 заловени кучиња имаат сопственик и бараат напуштањето да стане кривично дело.
„При едно неодамнешно заловување, во текот на само еден ден, по женка во циклус, од шест заловени кучиња од страна на ЈП Лајка, дури пет биле со сопственик. Сопствениците дошле да ги подигнат од стационарот. Овој податок е алармантен и укажува на клучен аспект од каде извира проблемот.“ – велат од таму.
Според нив, неодговорното одгледување на домашни миленици е еден од главните извори на нови кучиња на улиците:
„Овој пример не значи дека тоа е единствениот извор на проблемот, туку претставува јасен доказ „во мало“, често видлив во пракса. Неодговорното сопствеништво, заедно со појави како дислокација на кучиња и континуиран прилив на животни од различни страни, суштински ја нарушуваат програмата и создаваат состојба во која станува речиси невозможно ефикасно да се контролира и сузбие. Наместо постепено намалување на бројот на бездомни кучиња, овие фактори постојано го обновуваат и продлабочуваат проблемот, поништувајќи ги напорите на институциите и службите на терен.“ – додаваат од Анима Мунди.

Додека ЈП Лајка троши ресурси за заловување, стерилизација и згрижување, паралелно се создава нова генерација кучиња што повторно ќе завршат на улица – слободно пуштени, репродуктивно способни и оставени без надзор. Без санкции, без контрола и без лична одговорност, системот ги третира само последиците, но не и причините за проблемот, сметаат од здружението.
Од Анима Минуди посочуваат дека дополнителен проблем во бројот и однесувањето на уличните кучиња е и нивната постојана дислокација:
„Во последните 4,5 месеци сe почесто сведочиме на дислокација на кучиња- префрлање од една општина во друга, организирано префрлање на топката наместо вистинско решавање. Таквите дејствија, кои ги сметаме за координирани, дополнително ја продлабочуваат кризата и покажуваат дека, покрај неодговорното сопствеништво, постои и сериозен проблем со организирано исфрлање животни на туѓа територија, со фокус на град Скопје. Фактот дека пет од шест заловени кучиња имаат сопственик е директен доказ дека проблемот не може да се реши без строга законска регулација. Потребни се сериозни, неизбежни и доследно применувани казни за неконтролиран расплод, за пуштање кучиња без надзор и за напуштање животни.“ – велат тие.
Според борците за правата и благосостојбата на животните, решението е многу едноставно – напуштањето миленик да стане кривично дело по примерот на европските држави:
„Во повеќе европски држави напуштањето животно се третира како кривично дело со можност за високи парични казни и затворска санкција (Хрватска, Франција, Португалија). Со тоа државата јасно порачува дека оставањето миленик на улица не е „лична одлука“, туку општествено штетно и казниво дејствие. Напуштеното животно е неодговорност што има директни последици врз јавната безбедност, буџетите на општините и благосостојбата на животните.“ – велат тие.

Анима Мунди веќе има покренато и конректна иницијатива за ова прашање:
„Иницијативата за криминализација на исфрлањето миленик на улица, вклучително и оставање мали кучиња, електронски ја имаме доставено до Министерство за правда, Министерство за внатрешни работи, Владата на РМ и Агенција за храна и ветеринарство. Очекуваме институционален одговор и конкретни законски измени, како и што поскора измена на Законот за заштита и благосостојба на животните кој е во процедура. Животните не се виновни што се на улица. Не е решение да се убиваат животните. Решението е да се спречи создавањето нови напуштени животни – а тоа може да се постигне само ако одговорноста стане реална, лична и најстрого санкционирана.“ – подвлекуваат тие.
Иницијативата на Анима Мунди има широка поддршка меѓу различни групи на граѓани, оние кои ги сакаат животните – сакаат тие да не страдаат и да не бидат фрлени на улица, оние пак што се чувствуваат загрозено од уличните кучиња – преку криминализацијата на напуштањето гледаат решение на проблемот.
Од Анима Мунди велат дека само систем што казнува неодговорност, може да создаде ред, а во случајов е повеќе од јасно дека недоговорните сопственици се еден од најголемите извори на проблемот.
Останува институциите да ја разгледаат иницијативата и да дадат свое видување за предлог – измените на Законот.
(К.М.)





