На овој ден во домот на семејството Мустафови беше весело, се играше, се пееше, се дуваа свеќи. Му беше роденден на кралот на ромската музика Ферус.
Но, денес, како и лани на овој ден во неговиот дом, каде живеат сопругата Јелена и ќерката Мелек, е тажно. Живеат со спомените. И двете се тешат дека мора да продолжат така да живеат, бидејќи, како што вели Мелек, „тато нема да се врати“. А исто се чувствува и неговата сопруга. Вели дека срцето уште не и заиграло.

-Мора да бидеме силни, вака или така животот продолжува иако знам дека никогаш нема да биде исто. Единствена утеха ми е Мелек, ја гледам како расте, таа ми е единствената надеж. Но, знам дека треба време за тоа. Секогаш му славевме роденден, никогаш не сме го оставале без торта. Сите ќе се соберевме, децата, внуците, музичари. Секоја година било со музика. Јас секогаш сум му бирала торта. А сега место свеќи да дуваме, јас одам на гробишта, вели Јелена и додава:

-Доаѓа Нова Година и по веселбата за роденден почнуваа новогодишните снимања. На секоја телевизија го имаше. Ама откако почина сите го заборавија. Ниедна телевизија не пуштила снимка, а толку многу емисии имаат направено со него. Тој и таков беше, кога ќе го викнеа никогаш не доцнеше. Тоа беше подготовка наголемо, па кај ми се кондурите, па кој костум да облечам. А имаше многу гардероба. И сега се така остна да стои во куќата во Штип. Но, тешко ми е поради тоа што сите го заборавија, заборавија да се потсетат на него. А толку беше ценет надвор. Еве сега во Србија се подготвува проект за него. На толку луѓе помогна, а само неговите ученици се јавуваат, вели таа.

Спомените се тие кои сега им го прават животот некако поубав. А Јелена нема никогаш да заборави кога почнала нивната љубов и кога ја изненадил со брак.
-Јас имав 16 години кога почна нашата љубов, скоро 22 години бевме заедно. Никогаш ама никогаш не сум се покајала што му го дадов срцето. Имавме голема љубов, бевме неразделни, освен кога одеше на турнеи, ама понекогаш и јас одев со него. Какво изненадување ми направи на прослвата за Мелек. Јас не знев дека ќе дојде матичар и ќе не венча. Ниту на крај памет не ми беше дека ќе се венчаме. Неколку дена пред да се венчаме тој ми ја продаде колата и кога ми рече дека има изненадување за мене јас си реков којзнае со каква кола ќе ме израдува. Не сум инсистирала да склопиме брак. Еднаш само го прашав дали има намера да се венчаме, а тој ми рече- „ај па ти хартијата ли ќе не држи, важно е да се сакаме“. И во право е. Затоа не мислев дека ќе склопиме брак. Ама таков беше сакаше да прави изненадувања, раскажува Јелена за животот со Ферус.
И сега, вели дека и е многу тешко, но мора да внимaва заради Мелек, бидејќи таа многу тешко ја поднела смртта на татка си.

-Мене ми е тешко ама внимавам заради Мелек. На Мелек и е многу, многу тешко ама не покажува. Иста е како него, тој беше таков, колку и да му е тешко не покажуваше. И ептен личи на него. Многу ја галеше, многу ја разгали. Беа многу поврзани. И ги исполнуваше сите желби. Мелек ја сака музиката и танцувањето. Но, многу задоцнивме со музичкото образование, прво не фати короната, после Ферус почина, а Мелек тоа многу тешко го поднесе и ништо не ја интересираше, вели таа.
Ферус, Јелена и Мелани живееја во куќа во скопската населба Ченто, но кога веќе Ферус го нема, тие не можеле да продолжат да живеат таму, бидејќи таа куќа ги потсетувала на многу болка.
-Мелек не ја сакаше куќата. Ферус речиси и умре пред нејзини очи и по неговата смрт, поради траумите никако не сакаше да останеме таму. Затоа ја продадовме и купивме стан. А тој сирот ја направи куќата и само три месеци живееше во неа. Судбини. И ја разбирам многу. Се случи пред нејзини очи. Јас и Мелек спиевме во спална, а тој остана во дневна да гледа телевизија. А многу врнеше. Тој станал да ги тргне масата и столчињата од тераса и само што влегол во дневна паднал. Во тој момент Мелек се разбудила за вода и таман да се симне слушнала како нешто треснало. Ме буди и вика- мамо, тато падна! Станавме и се стрчавме по скалите. Се јавив на Илми и на брза помош. Тој беше полусвесен и ме држеше за рака цело време во возилото. Во болничката кола ми вика:„ јави се на Мелек, се исплаши“. Се слушнаа и тој и рече: „Не се плаши тато ќе си дојде“. Беше многу загрижен за неа. Тој и Мелек беа многу поврзани. Во болница беше 25 дена, не се врати. Во мај ќе направи три години како го нема, а уште не сум заиграла и запеала, срцето уште ми е стегнато, раскажува тажно Јелена.

Мелек вели дека постојано го сонува и него и Илми.
-И дента кога му се слоши сонував лош сон, се разбудив и сакав да се симнам по вода. Но, когa нешто трoпна се исплашив. Го одесоа во болница ама знаев дека нема да се врати, имав такво чувство. Ми недостaсува многу, секој ден. Ама не сакам да одам на гробишта, не сакам таму да лежи. Го сонувам постојно и тато и брат ми Илми, вели Мелек.
И двете имаат желба во Штип да се направи спомен соба на Ферус и на неговиот син Илми.

-Размислувавме да отвориме спомен соба, сакав да разговрам со градоначалникот на Штип. Ферус е штипјанец и заслужува спомен соба. Се има, цела негова кариера од насловни на албуми, на цедиња, инструменти.. Буквално се. Тажно е што надовор го почитуваат, а кај нас не. Еве внукот Ферчо сега е во Белград работи на проект во чест на Ферус и Илми. А кај нас го заборавија, велат Јелена и Мелек со надеж дека еден ден кралот на ромската музика ќе има спомен соба, бидејќи тоа го заслужува.
Весна Миленковска
Фото: Приватна архива





