Блатец: Селаните со жив штит ја бранат реката Блатешница од хидроцентрала

Веќе неколку денови по ред селаните од виничкото село Блатец со жив штит ја бранат реката Блатешница од почетокот на градежните активности за изградба на мала хидроелектрана.

Ова не се првите блокади на Блатешница, претходните се случуваа некаде на крајот од 2022 година, кога со тогашните протести жителите на Блатец успејаа да ги одтргнат од намерата тогашните концесионери да градат хидроелектрана. Сега селаните повторно ги алармираше тоа што беше отстранета рампата на локалниот пат кој води единствено до спорната локација.

Месната заедница на селото Блатец прогласи вонредна состојба и повеќе од 72 часа е во постојано заседание, а на патот кој води до локацијата предвидена за мала хидроелектрана има постојани 24-часовни блокади со возила, трактори и луѓе кои стражарат во смени. Блатечани се одлучни да не попуштат ни овој пат и да не се откажат од своето природно богатство:

Единствениот пристапен пат покрај реката Блатешница е блокиран со возила и луѓе во 24-часовни смени

„Одржавме проширен состанок на Месната заедница, кој всушност беше општонароден собир. Сите акламативно побаравме надлежното Министерство за енергетика и Владата да ја поништат концесијата, доколку воопшто постои. До тогаш, жителите со жив штит ќе ги бранат своите одлуки и, ако мора, со радикални мерки ќе ја блокираме изградбата на минихидроцентралата и ќе го браниме нашиот водовод. И тогаш (2022), и сега, целото село одлучи по цена и на живот да го брани својот водовод. Блатец повторно е претворен во општ граѓански отпор, кој започна уште во 2022 година, кога дојдоа луѓе да вршат геодетски мерења по трасата на локалната река, каде минува и селскиот водовод“ – вели Баже Анакиевски од месната заедница Блатец.

Селаните се крајно револтирани и од создадената ситуација во која никој за ништо не ги информирал нив, како први и најзасегнати. Добиле известување од општина Виница дека не се запознаени со проектот, а како што велат, добивале измешани информации за тоа кој е инвеститорот и од каде е.

Концесијата за хидроцентралата дадена во 2022 година гласи на компанијата Nord Energy Group Tetovo.

Блатечани како конкретен пример за уништена река ја посочуваат Маркова река, која поради изградбата на 3 мини хидроелектрани во 2021 заврши со целосно уништен биодиверзитет, променет тек на водите, уништена вегетација и помор на риба, водоземци и инсекти кои опстојувале благодарение на реката.

Изградбата на три мини хидроцентрали резултираше со уништување до непрепознатливост на Маркова река

Селаните од блокадите испраќаат јасна порака – Без нивна согласност, никој нема право да одлучува за експлоатација на природните ресурси на Блатец, особено на реката Блатешница, која е единствениот извор на вода за пиење и наводнување во едно од најголемите села во виничкиот регион.

Во петок жителите на село Блатец ќе го блокираат магистралниот пат Виница- Берово кај местото Скараница.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ