Пред почетокот на денешното рочиште за трагедијата во кочанската дискотека Пулс, семејствата и блиските на загинатите посочија на притисоци врз сведоци во постапката.
Јулија Златкова, мајка на Томас Златков кој го загуби животот кобната ноќ во дискотеката „Пулс“, изнесе обвинувања дека располагаат со информации за можни притисоци врз сведоци на Обвинителството, пишува порталот 4 News. Според нејзините наводи, лицето Ј.Ј., кое се наоѓа во притвор во скопскиот затвор, му овозможувало користење мобилен телефон на Тодор Јованов, брат на обвинетиот, преку кој наводно се остварувала Вибер-комуникација со сведоци.

Мајката на починатиот Томас побара од надлежните институции итно да ги проверат овие тврдења, но и да се направи истрага за целокупната комуникација водена со посочениот телефон.
Како што посочи Златкова, трагедијата во Кочани претставува „геноцид врз една млада генерација, предизвикан од алчност, корупција и несовесно работење“, и како што посочува уште од првиот ден по ужасната трагедија, постојат обиди за прикривање и влијание врз судската постапка.
„Ние, родителите на убиените деца, нема да дозволиме вистината да се сокрие. Вистината мора да излезе на виделина и мора да има правда за нашите деца“, подвлече Златкова.




