„Булмак 2016“ ги демантира тврдењата за еколошки инцидент во рудникот Тораница

Компанијата „Булмак 2016“, управувач на рудниците Злетово и Тораница, најостро ги демантира информациите објавени во дел од медиумите за наводен еколошки инцидент во рудникот Тораница.

„Станува збор за целосно неточни и измислени информации. Не постои никакво истекување или еколошки прекршок кој би можел да ја загрози животната средина или водите на Крива Река. Производствениот процес се одвива под постојан надзор и во согласност со А-интегрираната еколошка дозвола,“ се наведува во соопштението на компанијата.

Од „Булмак“ посочуваат дека ваквите објави предизвикуваат неоснована вознемиреност кај јавноста и сериозна штета на угледот и деловниот интегритет на фирмата. Тие бараат веднаш да се повлечат сите невистинити информации и да се објави јавно извинување и исправка на ист начин и на истите места каде што биле пласирани.

Компанијата дополнително апелира до медиумите да се воздржат од објавување непроверени содржини и да побараат информации директно од засегнатите страни, со цел да се избегне манипулација и создавање забуна кај граѓаните.

„Булмак 2016“ најавува дека ќе ги искористи сите законски механизми доколку неточните тврдења не бидат повлечени и ако не следи јавно извинување од медиумите и од политичките субјекти кои, според компанијата, ја злоупотребуваат темата во предизборни цели.

„Ќе продолжиме да работиме транспарентно и одговорно, почитувајќи ги највисоките стандарди и интересот на локалните заедници,“ порачуваат од компанијата.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ