На естрадното небо има место за сите талентирани ѕвезди. Таква ѕвезда, која го чекори патот кон ѕвездите е и младата пејачка Дорис Ди. А дека Дорис полека, но сигурно чекори кон ѕвездите го покажа досега повеќе пати, со настапите во странство, со познатите кавери, но и со настапот на „Макфест“.
Дорис зад себе има четири авторски песни, но има и кавери со светски хитови, во кои се гледат нејзините вокални способности. Учи средно медицинско, нема музички корени, но зад себе има две музички лавици-Ана Дурловски и Андријана Јаневска, кои и ги покажуваат тајните во музиката.

-Правам кавери од песни што ми се допаѓаат. Снимив кавер и за песната „Чаршија“ од ДНК и ми пиша Панчо, беше прездоволен. Ми рече- ќе видиш следната како ќе биде интересна. Но, се случи Кочани и тоа така остана. Во моето семејство нема музичари, татко ми свиреше на некои инструменти, но аматерски. Учам средно медицинско, фармација, но за факултет не знам за што ќе се одлучам. Мислам дека е рано, сега сум втора година, па имам време да размислам, вели Дорис.
Таа од мала пее, има дома снимки како ја пее „Распукала Шар Планина“.
-Пеам забавни, но можам и етно и народно, а и странско пеам. Професорката ми рече дека ми стои секој жанр, но дека треб да се определам. Досега имам четири авторски песни, настапував во Италија, Хрвтска, на „Охрид фест“, „Бисер Јадрана“ , „Макфест“, на детски фестивали, а сега работиме и на нови проекти, вели таа.
Последен настап и беше на „Макфест“, каде во дебитантската вечер настапи со песната „Кога не ме сакаш“. Публиката го препозна нејзниот талент и ја испрати во втората, вечер на познати пејачи.
-Макфест ми е многу убаво искуство. На само 16 години влегов во втората вечер. Бев најмлада учесничка. Имав многу поддршка од организаторите, а потоа и публиката убаво ме прифати. Макфестовската е напишана за мене. Таа ми е најдрага. Опеана е една случа од нашиот живот. Сакам да играм, да имам сценски настап. За наредниот „Макфест“ сакам да настапам со кореографија. На роденденот на Тоше Проески ја пеев „Море сокол пие“ и „Ако одам во Битола“. Тоше ми е идол, кога станува збор од нашите ѕвезди, а од светски многу ја сакам Бијонсе. Сакам се да пеам. Музиката ја гледам како љубов, ја сакам, раскажа Дорис.

Но, како и сите млади, така и таа има свои соништа кога е музиката во прашање. Еден од нив е да ја претставува Македонија на Евросонг.
-Се гледам во забавната музика, но можно е да напрвм и препеви на фолк песни. Подготвувам нешто ново, за Македонија, но се уште не можам да откријам. Мој сон е да ја претставувам македонија на Евровизија. Се гледам и во баладите и во брзите песни, додава Дорис.
Вели дека за нејзиниот стајлинг и за тоа како да се однесува на сцена најмногу и помага мајка и.

-Мајка ми ми помага околу стајлингот и како да се однесувам на сцена. Родителите ми се најголемата поддршка. Кога видоа дека мојата преокупција е музиката ми река да не брзам никаде, полека да ја градам кариерата. Да има вредност тоа што ќе го работам, а не краткотрајна слава. Најчесто пејачите кога ќе навлезат во тој популарнен свет знаат да се изгубат, но јас да останам каква што сум, без оглед на успехот што ќе го постигнам, вели Дорис.
Не само што плени со талентот, Дорис е темпераментна, воспитана и љубезна. Вели дека времето го троши за музика, а хоби и е гледање серии или филмови. Во школо веќе е познатата Дорис Ди, естрадно име кое и го дала мајка и.
-Да, ме препознаваат во школо. Имам другари кои ме поддржуваат. Но, не се обраќам кон сите бидејќи знам дека не им е подеднакво драго на сите. Ме знаат и како Дорис Димовска, но и по уметничко Дорси Ди. Мајка ми ми го даде предлогот да биде кратенка од презимето. Сакав да бидам и Дока, бидејќи сите во школо ме викаат така, но не асоцира на моето име. Името ми е многу ретко кај нас, нема пејачка со такво име. А јас сум крстена по желба на татко ми. Татко ми како млад бил вљубен во Дорис Драговиќ и по предлог на мајка ми се сложил со името, ни откри Дорис за која допрва ќе се слуша, бидејќи со талентот што го има и тоа како заслужува да биде нашата нова пејачка ѕвезда.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски/ приватна архива




