Земјоделци од општина Пајонија и поширокиот регион на северот од земјата го блокираа граничниот премин Евзони во вторник напладне во двете ленти за влез во Грција и оние што излегуваат кон Северна Македонија, информира Катимерини.
Земјоделците прво го блокираа влезот во Грција само за камиони, а потоа ја проширија акцијата на целосна блокада, која ја укинаа на полноќ. На преминот имаше повеќе од 150 трактори и земјоделски возила, а блокадата продолжува да расте.
Земјоделците денес, пак, се упатија кон граничниот премин Промахонас меѓу Грција и Бугарија и покрај повикот од премиерот Киријакос Мицотакис против „екстремни акции“.
Земјоделци, одгледувачи на добиток и пчелари од северниот регион Серес ја заобиколија полициската блокада на раскрсницата Лефконас на автопатот А25 движејќи се низ полиња и се упатија кон Промахонас.
Протестите се поради доцнењето на исплатите на субвенциите од Европската Унија, кои беа одложени поради истрага за корупциски скандал што влијае на земјоделскиот сектор.
Мицотакис рече дека вкупните исплати на земјоделците за 2025 година ќе се зголемат за повеќе од 500 милиони евра во споредба со 2024 година, од 3,1 милијарди на 3,7 милијарди евра.






