Владата ретерира, ќе се разгледуваат строгите критериуми за инфлуенсерите

Владата е подготвена на разговори и изнаоѓање на ново пофлексибилно решение за инфлуенсерите, кои согласно измените на Законот од 2023 и Правилникот кој стапи на сила неодамна, мораат да се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во Штип посочи дека ги слушнал забелешките на здружението на инфлуенсери и дека смета дека дел од нив се основани:

„Ги слушнав и коментарите на новото здружение на инфлуенсерите, мислам дека вреди да се дискутира со нив. Еве да најавам дека можни се и промени, затоа што не сметаме дека треба ригидно да бараме од креаторите на содржини да се однесуваат исто како и платформите за споделување на тие содржини, односно да бараме толку високи критериуми од страна на приватни физички лица, кои што повремено или постојано се занимаваат со оваа работа. Јас ги споредувам многу често со колумнисти. Ако не бараме високи критериуми, регистрација, и еден ригиден пристап кон креаторите на содржина во традиционалните медиуми, не гледам зошто би требало да имаме толку ригиден пристап и кон оваа група на луѓе“ вели министерот Андоновски.

Претходно, инфлуенсерите излегоа со став со кој целосно ја отфрлаат новата регулатива:

„Здружението на инфлуенсери и креатори на дигитални содржини ја информира јавноста дека во целост ги отфрла Правилникот и Водичот донесени од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), оценувајќи дека истите се надвор од законските рамки и не се усогласени со реалноста на дигиталниот простор.

Според ставот на инфлуенсерите, предложените акти не нудат системско решение за транспарентноста и одговорноста во интернет комуникацијата, туку отвораат простор за правна несигурност, различни толкувања и дополнителен хаос во онлајн сферата. Наместо да придонесат кон уредување на областа, тие создаваат ризик од селективна примена и ограничување на креативната слобода, без јасна законска основа и без претходна широка консултација со засегнатите страни.

Здружението нагласува дека инфлуенсерите не бегаат од одговорност, редовно плаќаат данок во Македонија, наспроти сите невистини кои се ширеа во медиумите во изминатиот период и дека ја поддржуваат потребата од транспарентност, јасно означување на комерцијалните содржини и почитување на етичките стандарди. Сепак, тие сметаат дека ваквите прашања мора да се уредуваат преку инклузивен процес и решенија што ќе бидат во согласност со законите и европските практики, а не преку акти што излегуваат надвор од утврдените надлежности.“ – велат од здружението на инфлуенсери.

Министерот Андоновски посочи дека донесениот Водич довел до заблуда и дополнително недоразбирање:

„Беше донесен и еден неформален документ, еден Водич, кој мислам дека направи дополнителна забуна, пошто станува збор за неформален документ, којшто нема правна важност, а се сфати или се презентираше, дека е задолжителен за употреба од страна на оваа група на креатори на јавното мислење. И се јави дополнително недоразбирање меѓу едната и другата страна, но остануваме како министерство подготвени да ја отвориме таа дискусија. Јас закажав и средба на почетокот на следната недела со здружението на инфлуенсери и сме подготвени да, ако бидат потребни, направиме дури и законски промени во оваа насока“ – посочи Андоновски.

Од здружението предлагаат конректни чекори:

„Согласно изработената европска анализа за тоа како оваа проблематика е решена во земјите членки на Европската Унија, Здружението достави предлог до министерот за дигитална трансформација, со кое се предлага донесување Кодекс кој ќе се темели на принципите на саморегулација и ко-регулација. Во најголем дел од државите членки, прашањето на инфлуенсер маркетингот се регулира преку јасни насоки за означување на спонзорирана содржина, едукација и соработка меѓу индустријата и институциите, а не преку рестриктивни и еднострано наметнати подзаконски акти.

Предложениот Кодекс има за цел да воспостави јасни, применливи и пропорционални правила што ќе обезбедат заштита на јавниот интерес, особено на потрошувачите и малолетниците, а истовремено ќе ја почитуваат слободата на изразување и спецификите на дигиталната економија. Овој пристап, според Здружението, претставува единствен одржлив и европски усогласен модел за уредување на интернет просторот.“ – велат од таму.

Додека министерот Андоновски најави дека следната недела ќе разговара за предложените измени со здружението, инфлуенсерите бараат веднаш да бидат целосно повлечени Правилникот и Водичот од страна на Владата и целото уредување на регулативата опфатена со Правилникот и Водичот да се започне од почеток.

Во меѓувреме во регистарот на инфлуенсери на АВМУ фигурираат само 10 регистрирани инфлуенсери и еден запишан, па избришан по свое барање инфлуенсер, што укажува и на тоа дека мнозинството инфлуенсери во државата ја игнорираат обврската за регистрација.

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ