ВМРО-ДПМНЕ оцени дека во изминатите четири години успеала да покаже дека општините можат да се управуваат „европски, без афери, криминал и злоупотреба на народни пари“. Во соопштение од партијата, пренесено од МИА, се наведува дека 42 градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ја потврдиле оваа определба.
Од партијата најавуваат дека веќе се подготвуваат за претстојните локални избори закажани за 19 октомври, со цел да постигнат, како што велат, „историски резултат“.
„Со историска победа само ќе продолжи периодот на реформи и обнова на сите локални самоуправи во Македонија,“ стои во соопштението, во кое се додава дека тоа ќе значи и нов импулс во креирањето на дополнителна функционалност на општините.
Како дел од резултатите, ВМРО-ДПМНЕ ги издвојува: изградба и реконструкција на над 770 километри улици и патишта со вложени 100 милиони евра, поставување 47 илјади метри нови водоводи и над 91 илјада метри канализации, како и изградба на седум пазари од затворен тип.
Понатаму, од партијата наведуваат дека се реконструирани околу 400 училишта, а се завршени или во тек се 280 спортски игралишта и детски терени. На дел од училиштата се поставени фотоволтаици, а во повеќе општини се обезбедува бесплатна храна за учениците од прво до петто одделение.
„И ова е само дел од сработеното за четири години,“ се вели во соопштението, со најави дека по изборите ќе следува „уште позасилено темпо на реализација на проекти“.





