Здружението на семејствата на загинатите од трагедијата во дискотеката Пулс, „16 март 2025 – Кочани“, оваа сабота, 16. мај, го организира 43-тиот „Марш за ангелите“, што за прв пат ќе се одржи во Виница.
Маршот ќе почне во 17:05 часот од градскиот плоштад „Ангел Винички“:
„Ќе маршираме за 63-те ангели, за вистината што предолго се турка во сенка, за правдата што сѐ уште доцни. Маршираме затоа што зад бројката 63 стојат прекинати животи, неостварени соништа, празни соби и семејства што засекогаш останаа без дел од себе. Затоа што над 500 повредени и преживеани не се бројки во извештај — туку луѓе што секој ден живеат со физички последици и трауми од таа ноќ. Маршираме затоа што за ваква трагедија не смее да постои симболична одговорност. Затоа што условна казна не е правда за 63 изгубени животи и стотици уништени семејства“, велат од здружението.






