Во сабота за првпат Маршот за ангелите ќе се одржи во Штип. Ваквата одлука ја донело здружението на семејствата на загинатите, по 39 маршеви одржани во Кочани и еден во Скопје.
„За првпат, чекорите на тагата, достоинството и барањето правда ќе одекнат и во Штип. Во знак на почит кон нашите 63 ангели, кон повредените и кон сите семејства што повеќе од една година ја носат најтешката болка, ве повикуваме да ни се придружите на 41-виот Марш на ангелите. Собирот е од 15:50 на градскиот плоштад „Слобода“. Ова не е само марш. Ова е чекор за сеќавање. Чекор за вистината. Чекор за правда. Ќе чекориме мирно, достоинствено и гласно ќе потсетиме дека нашите најмили не смеат да бидат заборавени и дека правдата не смее да доцни. Не забораваме. Затоа чекориме. Правда за нашите ангели“ – велат од здружението „16-ти Март 2025“.






