Во 20 градови во исто време со учество на 464 средношколци од 61 училиште, на 13 февруари, се одржа Регионалниот круг на Економската олимпијада. Овие натпревари ги нoсат најдобрите во националното финале.Претходно, во училишниот круг учествуваа 3.170 ученици од целата држава, што претставува рекордна бројка и јасен показател за интересот на младите за економијата и аналитичкото размислување.
„Овие бројки не се само статистика. Тие покажуваат дека младите се подготвени да вложат труд и знаење кога им се дава можност да се натпреваруваат на високо ниво. Нашата амбиција е олимпијадата да стане долгорочна платформа за развој на идни економисти, претприемачи и носители на политики“, изјави Орхан Цека, директор на Институтот Либерална алтернатива.
Најдобрите ученици од сите седум региони ќе обезбедат пласман на Националното финале, кое ќе се одржи во април на Универзитет на Југоисточна Европа во Тетово. Тројцата најдобри ученици од секој регион ќе добијат вредни награди – лаптоп, таблет и паметен часовник. Од финалистите, петте најуспешни ученици ќе ја претставуваат Македонија на Интернационалната економска олимпијада во август во Античка Олимпија, Грција.

Натпреварот се реализира во соработка со повеќе високообразовни институции: Универзитет на Југоисточна Европа – Скопје; Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип; Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола во рамки на прилепскиот регион; Универзитет во Тетово за регионите Куманово и Тетово; Меѓународниот Универзитет во Струга за регионите Гостивар и Струга, како и Француската Алијанса – Битола.
„Успехот на олимпијадата во голема мера зависи од ентузијазмот на професорите и поддршката од училиштата и институциите. Но, подеднакво важно е и активното вклучување на приватниот сектор. Инвестирањето во младите таленти не е само општествена одговорност, туку и стратешка инвестиција во идниот економски развој на земјата. Веруваме дека бизнис-заедницата има значајна улога во мотивирањето, препознавањето и поддршката на овие млади потенцијали“, додаде Цека.
Економската олимпијада е дел од глобалната мрежа на Интернационалната економска олимпијада и се организира од Институтот Либерална Алтернатива, во партнерство со Economic Fundamentals Initiative – САД.
Со овој настан, Економската олимпијада продолжува да се позиционира како водечка национална платформа за откривање, поддршка и афирмација на млади економски таленти.





