Деновиве почнуваат серија средби и работилници на Министерството за образование, општините и училиштата, на кои ќе бидат образложени плановите за оптимизација на училишната мрежа. Тоа ќе значи практична реализација на планот на кој, според министерката за образование, Весна Јаневска, заедно со УНИЦЕФ и Светска банка е работено две годни.
Што тоа практично значи? Драстичното намалување на ученици, како што беше образложено од Јаневска, со паралелки со 3, 5, 7 деца, со просечно еден наставник на 9 деца, е товар и за побогатите држави од нашата. Со цел рационално искористување на потенцијалите, за постигнување на подобри резултати, во некои од општините веќе се донесени одлуки за припојување на едно со друго училиште, од централни стануваат подрачни училишта, а некои, како штипското ООУ „Гоце Делчев“ по пет години целосно ќе биде затворено. Промените за почеток почнуваат со прво и шесто одделение се избрани како основа за промените во некои од училиштата – во прво одделение ќе се формираат паралелки со најмалку 20 ученици, додека тие со шесто одделение ќе се преземаат во други училишта.
-Кога децата одат во петто, во шесто, прво се соочуваат со бројни наставници, различно е како досега. Друго, ги мешаат децата не за џабе. Значи паралелките до петто одделение кога ќе одат во други училишта или во истата училишна зграда или во различна зграда ги мешаат. Тоа е нешто што се покажало како позитивно. Како позитивно и кое придонесува повторно за социјализација, за познавање, другарство, компетиција и така натаму. Нема опасност дека со овие деца нешто ќе тргне во негативен правец. Јас сум длабоко убедена дека родителите откако ќе го видат овој процес и наставниците дека кога ќе го видат овој процес ќе го изгубат сомнежот дека нешто се случува што не е неповолно, вели министерката Јаневска.
Како дел од процесите, во општина Струмица во училиштето во селото Вељуса настава ќе има само до петто одделение, додека учениците од погорните одделенија ќе патуваат во Струмица, во ООУ „Сандо Масев“. Во Штип, учениците од шесто одделение ќе бидат распределени во ООУ „Ванчо Прке“ или ООД „Тошо Арсов“, за што родителите ќе може да изберат.
Вишокот наставници исто така ќе се прераспределува таму каде ќе има слободни места. МОН пресметало дека од блок дотациите 95 отсто се наменети за плата на вработените, а само 5 отсто остануваат за наставата и другите потреби. Од друга страна, се очекува природно намалување на наставниците преку пензионирање, што ќе овозможи слободните места во едно училиште да се пополнат со вишокот наставници. На тој начин, вели Јаневска, ќе има повеќе средства за училиштата.
– Целата блок дотација ја трошиме за плати а немаме квалитет. Ако во овие пет години се направи средување, значи оптимално вработување на овие наставници, односно да нема дополнителни, а овие сите да си ги задржат своите места, тогаш од блок дотацијата која секоја година расте патем, но еве иста да е, на градоначалникот ќе му остават многу повеќе средства. и за превоз и за струја и за инфраструктурни промени, но и за опрема во училиштата, за лаборатории, за се што ќе им биде потребно на училиштата, кажа Јаневска.
Како дел од процесот на оптимизација се најавува целодневна настава во училиштата, каде дел од наставниците ќе имаат улога на наставник – соработник, кој ќе ги презеде децата по завршување на наставата и со нив ќе работи на домашните задачи и други образовни активности.
-Тие остануваат наставници и си при имаат плата како наставници и во период од една година нивната улога наставничка останува наставничка, но го нарековме тоа образовен асистент, бидејќи ќе бидат распределени со нивна согласност оние кои евентуално би биле прогласени за технолошки вишок во одделение каде што има деца со посебни образовни потреби“, објаснува Јаневска.
Овие планови беа објаснети на состанокот во Штип, само неколку часа откако Советот на општината донесе одлука за припојување на ООУ „Гоце Делчев“ кон две други основни училишта, додека училишната зграда ќе стане факултет по стоматологија. Во ист ден беше донесена и одлука на Советот на Струмица за длабоки резови во неколку помали училишта.
Процесот е почнат, а со себе носи значајни промени кај сите – родителите, учениците и наставниците.






