Група од 12 вработени во ЈЗУ „Здравствен дом“ Виница преку отворено писмо доставено до медиумите алармираат за, како што наведуваат, подолг период на притисоци, незадоволство и нарушени меѓучовечки односи во установата.
Во писмото вработените посочуваат дека проблемите, според нив, се интензивирале по промената на раководството, при што тврдат дека дел од персоналот бил изложен на мобинг и несоодветен третман поради различни ставови. Тие наведуваат дека одлуките се носеле еднострано, без доволна вклученост на вработените и без транспарентни критериуми, а како последица, според нив, следувале промени на работни позиции, казни и нарушена работна атмосфера.
„Наместо отворена комуникација и почитување на различното мислење, одлуките се носат еднострано, без соодветно вклучување на вработените и без јасни и транспарентни критериуми. Кратко и јасно не се прифаќа мислење што е поразлично од нивното, а како награда следуваат промени на работни позиции, казни и одмаздољубивост.
Најмногу се афектирани членовите на други партии, без да се води сметка за нивниот квалитет во однос на работата и претходните достигнувања. Во службата за итна медицинска помош се доделуваат одговорности на послушниците со цел дополнителен доход на истите. Иста привилегија имаат и при изготвување на работен распоред, а тоа вклучува смени по личен избор, додавање на часови за приправност, неправилно распределување на сменската работа во корист на поединци. Од ден во ден ситуацијата е се полоша и психички неиздржлива за нас вработените кои не го играме по орото на раководството, а установата од ден во ден се повеќе пропаѓа. Не се инвестира во проекти кои ќе бидат за доброто на населението и во насока за подобра здравствена заштита. Пари недомаќински (или за некого добро домаќински) се трошат за проекти кои на пациентите им се незначителни, а самите проекти се само добра маска за сето она криминално што вешто се сокрива.“ – се вели во писмото.
Според групата вработени, прашање е колку директорката ги исполнува законските услови за да биде носител на функцијата:
„Исто така под голем знак прашалник се става и тоа дали одговорните ги исполнуваат критериумите да бидат поставени на функциите на кои што се? Дали некој ја проверил валидноста на приложените уверенија за стекнато образование или сето тоа пак вешто се прикрива? Се прашуваме и дали постојат одредени критериуми по кои што се назначуваат членови во различни видови на комисии или само се одбираат членови кои што ќе го усвојат веќе одлученото од страна на одговорните?“ – се додава во писмото.
Канал 77 ја контактираше директорката на ЈЗУ Здравствен дом Виница, Весна Димитрова, која посочи дека не е запознаена со иницијативата и дека групата вработени не покренале никаква постапка во рамки на установата, но и дека не сака да го коментира писмото и неговата содржина.
Групата вработени писмото го доставиле и до кабинетот на министерот за здравство.
Канал 77 се обрати и до Министерството за здравство, од каде до објавувањето на текстов не дадоа одговор или коментар на настанатата ситуација.
Групата вработени нагласуваат дека со ова нивно обраќање, нивната цел не е конфронтација, туку, како што велат, алармирање и поттикнување на внимание, со надеж дека нашите проблеми ќе бидат согледани и ќе се преземат чекори за нивно надминување – во интерес на вработените, пациентите и јавниот здравствен систем.
(К.М.)





