По антикорупционерката Билјана Ивановска, „Независни заедно“ промовираат уште едно име, овој пат за градоначалник на Скопје. Деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Горан Марковски ќе биде промовиран утре како независен кандидат за градоначалник на Град Скопје поддржан од Граѓанската платформа „Независни заедно”.
Професор Марковски оваа Граѓанска платформа го најавува како истакнат интелектуалец и борец за безбедно и убаво Скопје.
„Заедно да му дадеме шанса на градот, шанса да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот. Ова претставување е дел на поширока граѓанска иницијатива што ќе ја врати довербата во институциите и ќе покаже дека промена е можна доколку заедницата стои обединета и граѓанинот е на прво место во политика“, најавуваат од граѓанската платформа Независни заедно, составена од „Шанса за Центар”, „Зелените за Гази Баба” и „Групација 389″.





