Познатиот штипски пејач и гитарист, Горан Тонев, денеска сведочеше пред судот за кобната вечер од 16 март 2025, кога во траорниот пожар загинаа 63 лица, меѓу кои и сите членови на групата ДНК, со исклучок на Тонев и придружниот вокал, Ана Костадиновска.
Тонев раскажа дека во Пулс пристигнал околу 22 часот заедно со тапанарот Ѓоко Ѓоргиев, кој за жал, го загуби животот таа вечер. За време на пробата не забележал поставени пиротехнички средства, но кога започнал настапот и се вратил на сцената, пиротехниката веќе била поставена.
„И претходно понекогаш се користеа вакви пиротехнички средства“ посочи Тонев, додавајќи дека во Пулс таа вечер имало луѓе кои поставувале опрема и додатоци на сцената, а кои не биле дел од персоналот на групата ДНК.
За време на настапите, како што рече, секогаш се наоѓал во задниот дел од бината, додека пиротехниката била поставена во предниот дел.
Според неговото сведочење, пожарот започнал директно над сцената, по што тој тргнал да го напушти објектот.
„Се симнав по скалите и се упатив кон вратата. Од горе капеа жешки капки, беше екстремно топло, чадот беше густ и не можев да дишам“, изјави Тонев.
Тој објасни дека материјалот на таванот, кој наликувал на брановидни сунѓери како во музичките студија, почнал да се топи, при што токму тие растопени делови предизвикале дел од повредите.
Гитаристот сведочеше дека се здобил со изгореници на дишните патишта, десното уво, десната рака, лицето и грбот. Поради сериозноста на повредите бил лекуван во Солун и сè уште не е во можност да се врати на работа.
Во однос на пиротехниката, Тонев изјави дека претходно го видел Мартин како ја поместува, но критичната вечер не забележал кој ја поставувал.






